Полска, Словачка, Чешка и Унгарија веќе долги години важат за вистински рај кога се во прашање производството на автомобили и автомобилски компоненти. Откако пред само неколку недели Land Rover го стартуваше пробното производство во Словачка, а претходно Fiat најави дека ќе го зголеми производството во фабриката во Полска, уште еден производител започна со инвестирањето во овие земји поточно Полска.
Германскиот производител Mercedes-Benz на официјална церемонија на кое присуствуваа претставници на компанијата и владата на Полска го стави камен темелникот на новиот производствен капацитет во Јавор. Според изјавата на претставниците на германскиот производител, со новата инвестиција ќе се отворат речиси 1.000 нови работни места.
Инаку во оваа фабрика ќе врши производството и склопувањето на најголем дел од моторите кои ги користи Mercedes, а покрај во Полска, германскиот гигант во Европа има фабрики уште во Германија, Австрија, Финска, Унгарија, Русија, Србија, Шпанија, Турција и Велика Британија.