Mercedes-Benz оваа година одбележува 30 години од појавувањето на SLK – модел кој уште од својата премиера во април 1996 година се издвои како еден од највпечатливите автомобили на брендот. Компактен, динамичен и технолошки напреден за своето време, SLK донесе свежина во понудата на марката и брзо стана автомобил што се препознава на прв поглед.
Со својот препознатлив дизајн, силни мотори и иновативен челичен vario-roof, Mercedes-Benz SLK успеа да понуди две лица во едно возило – отворен родстер за уживање во возењето и затворено coupé за секојдневна употреба. Токму таа практичност, споена со емоција и спортски карактер, му донесе огромен интерес уште при лансирањето. До 2004 година беа произведени вкупно 311.222 примероци од верзиите SLK 200, SLK 200 Kompressor, SLK 230 Kompressor, SLK 320 и SLK 32 AMG.
Во Mercedes-Benz уште при премиерата биле свесни дека SLK не е обичен модел. Тогашниот член на Управниот одбор, Јирген Хуберт, при претставувањето на автомобилот на Саемот во Торино во 1996 година изјавил дека новиот SLK е еден од ретките автомобили што може да ви го забрза срцето уште при првата средба. Времето покажа дека таа оценка била точна. SLK стана еден од емотивните потписни модели на брендот, а неговата привлечност беше потврдена и со низа меѓународни признанија, меѓу кои „Golden Steering Wheel“ во Германија во 1996 година, „Најубав автомобил во светот“ во Италија истата година и „Car of the Year“ во САД во 1997 година.
Еден од најголемите адути на моделот беше електрохидрауличен vario-roof, решение што во тоа време делуваше речиси футуристички. Со едно притискање на копче на централната конзола, покривот се подига и се преклопува во багажникот за само 25 секунди. И покрај тоа, во возилото останува доволно простор за лесен багаж за две лица. Кога е затворен, покривот нуди високо ниво на удобност, добра заштита од временски услови, мала бучава и дополнителна сигурност. Кога е отворен, SLK нуди вистинско roadster доживување, со помало турбулентно струење на воздухот.
Mercedes-Benz посебно нагласува дека токму овој покрив го направил SLK трендсетер на пазарот, бидејќи ваквиот концепт подоцна бил преземен и од други производители, особено околу почетокот на новиот милениум. Инженерското решение и денес се смета за едно од највпечатливите обележја на првата генерација SLK.

Покрај покривот, автомобилот се истакнува и со својата шасија, која комбинира проверени Mercedes-Benz компоненти со поагилно и пониско поставување. Ревидираните пружини го спуштаат автомобилот за 20 милиметри во споредба со сличен модел од C-Class. Посилните верзии добиваат и пошироки гуми назад отколку напред, што дополнително го нагласува нивниот спортски карактер. За пократок сопирачки пат, SLK користи сопирачки систем преземен од E-Class.
Кратките превиси, изразените делови на хаубата и компактните димензии му даваат став што целосно одговара на неговото однесување на патот. Основната верзија тежи само 1.260 килограми и со должина од 3.995 милиметри е околу половина метар покуса од поголемиот SL. Токму таа компактност беше една од клучните причини зошто моделот толку брзо стана омилен кај возачите што бараа комбинација од престиж, динамика и секојдневна употребливост.
Најпродавана верзија во семејството R 170 беше SLK 230 Kompressor. Неговиот четирицилиндричен мотор со механички компресор испорачува 142 kW, односно 193 КС, а со петстепен мануелен менувач забрзува од 0 до 100 km/h за 7,6 секунди и достигнува максимални 231 km/h. Според Mercedes-Benz, употребата на компресор за зголемување на перформансите има длабоки корени во историјата на брендот и потсетува на легендарните S модели од 1920-тите години.

Во своето соопштение, Mercedes-Benz потсетува и дека SLK бил автомобил што знаел да се изрази и преку боја. Во првите години особено се издвојувала впечатливата yellowstone нијанса, додека со освежувањето во 2000 година и ентериерот добил повпечатливи тонови како merlin blue, magma red и lotus yellow. Токму таа храброст во стилот му помогна на SLK да остане запаметен не само како технички интересен модел, туку и како автомобил со јасен карактер и сопствен став.
Три децении по своето деби, Mercedes-Benz SLK и понатаму делува свежо, препознатливо и посебно. Тој не беше само уште еден мал спортски автомобил во понудата на брендот, туку модел што внесе нова енергија, нова публика и ново инженерско решение што остави трага и надвор од Mercedes-Benz. Денес, 30 години подоцна, SLK заслужено останува еден од автомобилите што се паметат со насмевка.









