Германскиот гигант Mercedes-Benz се наоѓа во сериозна фаза на трансформација — и тоа не само технолошка. Според извештајот на Handelsblatt, околу 4.000 вработени ја напуштиле компанијата во последните месеци, прифаќајќи високи отпремнини кои во некои случаи достигнуваат и над половина милион евра.
Програмата за доброволно заминување започнала во април 2025 година и била понудена на сите нивоа во компанијата – од канцелариски персонал и ИТ експерти, до инженери и менаџери од среден ранг.
Најатрактивниот дел од понудата бил т.н. „turbobonus“ – дополнителна исплата за оние кои брзо се одлучиле да ја напуштат компанијата.
Така, на пример, 55-годишен тим лидер со 30 години стаж и месечна плата од околу 9.000 евра добил 540.000 евра за доброволно заминување. Дури и работници на средината на кариерата заминале со по 100.000 евра или повеќе, зависно од стажот и платната класа.
Иако сумите звучат огромно, економистите ја гледаат оваа одлука како долгорочна заштеда за Mercedes. Со исплатата на отпремнини, компанијата избегнува „неуредни“ отпуштања и штета по имиџот, но истовремено намалува трошоци за персонал и ослободува простор за нови, технолошки профилирани кадри.
Според Handelsblatt, Mercedes на овој начин ќе заштеди неколку милијарди евра во наредните години, што е дел од поширок план за финансиска и оперативна оптимизација во период на забавен пазар и високи трошоци за развој на електрични возила.
Овој бран заминувања не е изолиран случај. Слични програми веќе спроведоа и други германски производители – Volkswagen, BMW и Audi, кои се соочуваат со структурни промени поради преминот кон електрични погони и дигитализација.
Од економска перспектива, Mercedes со овој потег ја купува флексибилноста што му е неопходна во следната деценија.
Компанијата се насочува кон електрични модели и дигитални услуги, што бара сосема различна структура на персоналот. Исплатата на високи отпремнини може да изгледа скапо на краток рок, но штеди огромни ресурси на долг рок, особено ако се земат предвид даноците, социјалните трошоци и потенцијалните судски процеси за отпуштања.









