Кинескиот производител Changan тврди дека е блиску до голем пробив со нова батерија во цврста состојба, која според компанијата може да донесе домет до 1.500 километри. Но, и покрај звучните бројки, индустрискиот тест допрва почнува, а масовното производство засега е планирано за 2027 година.
По години најави дека solid-state технологијата е следниот голем чекор за електричните автомобили, Changan сега тврди дека е многу блиску до практична примена. Компанијата наведува дека новата батерија Golden Bell постигнува енергетска густина од 400 Wh/kg и теоретски може да овозможи домет од над 1.500 километри со едно полнење.
Покрај дометот, кинескиот производител тврди дека новата батерија е и значително побезбедна. Причината е што користи цврст електролит наместо запалива течност, што треба да го намали ризикот од пожар и термални инциденти. Changan зборува и за системи за далечинска дијагностика со поддршка од вештачка интелигенција.
Сепак, клучниот детаљ е дека ова не значи веднаш масовно појавување на вакви батерии на пазарот. Според достапните информации, Changan оваа година планира валидација и примена во електрични возила и роботи, додека постепеното сериско производство во моментов е таргетирано за 2027 година.
Во поширок контекст, Changan не е единствен во оваа трка. На слични решенија работат и BYD, CATL, SAIC, GAC и други производители, додека и традиционалните светски марки со години развиваат сопствени solid-state програми. Тоа значи дека технологијата конечно се поместува од лабораториски ветувања кон вистински индустриски тестирања.
Но, најголемиот тест допрва следува – реалната употреба. Бројките за домет обично се најповолни во производителски или кинески тест-услови, па останува да се види какви резултати ќе дава батеријата во секојдневно возење, на студ, при брзо полнење и по подолг период на користење. Ако Changan успее да ги потврди и дел од најавените предности, тоа би можело да биде еден од најважните чекори за следната генерација електрични автомобили.









