Кинески Geely плати 9 милијари долари и сега е најголем акционер во Daimler

ОБЈАВЕНО НА:

Претседателот и главен сопственик на China Zhejiang Geely Holding Group, Ли Шуфу со вкупно 9,69 проценти од акциите во Daimler станува најголемиот акционер во оваа компанија. Оваа вест ја потврди и германскиот производител на автомобили откако беше направен увид во сопственоста на акциите во компанијата.

Акциите кои ги поседува Шуфу се со вредност од речиси девет милијарди долари според тековната пазарна цена. Со оваа сума Шуфу е убедливо најголемиот акционер во компанијата од Штутгарт, која се занимава со производство на автомобили, камиони и комби возила со Mercedes-Benz.

Ли Шуфу во минатите неколку недели бил активен на берзата и купил акции со што стигнал до речиси десет проценти од Daimler. Неговата цел е да направи соработка меѓу Geely и Daimler во однос на технологијата за производство на електрични автомобили.

„Воодушевени сме од фактот што Ли Шуфу веќе има вака голем процент на акции бидејќи во него добиваме долгорочен инвеститор, кој е убеден во иновативната моќ, стратегија и потенцијал на Daimler“, велат од компанијата.

Со купувањето на новите акции, Ли се најде пред Kuwait Investment Authority, компанија која поседува 6,8 проценти од акциите во Daimler.

Инаку, ова е уште еден сериозен потфат на Geely бидејќи во декември компанијата потроши 3,9 милијарди долари за да стане акционер во Volvo AB, кој е вториот најголем производител на камиони во светот. Geely, исто така има контрола и над британскиот производител на автомобили, Lotus, а тоа се случи минатата година, додека во 2013 година го спаси Manganese Bronze Holdings откако влезе во администрацијата.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK