Спојувањето на FCA и PSA веќе извесен период е актуелна тема во автомобилскиот свет. Секојдневно во јавноста се брифираат се повеќе и повеќе детали околу создавањето на еден од најголемите производители во светот. Но дали ова спојување ќе значи враќање на Lancia на европскиот пазар?
Пред нешто повеќе од 10 години, Маркијоне, тогашниот прв човек на FCA донесе одлука Lancia да се продава само во Италија, каде бележи одлични продажни перформанси, и на годишно ниво ја надминува продажбата на Alfa Romeo на глобално ниво.
Со спојувањето, FCA-PSA би имале два премиум бренда, DS и Lancia. DS во моментов мака мачи со продажбата и единствено светла точка е домашниот пазар каде бележи подобри продажни перформанси споредбено со останатите пазари.
Ако Fiat и Citroen се позиционираат на исто ниво, Opel тоа го направи со Peugeot, a Alfa Romeo остане сам во својот сегмент, тогаш се поизвесно е дека FCA-PSA на глобалниот пазар ќе настапат со DS и Lancia.
Некои медиуми веќе пишуваат дека Lancia ќе ги користи платформите, технологијата и целосната инфраструктура на DS, па гледано според сегашната понуда на DS како и стратешкиот развоен план на овој бренд, во наредниот период покрај бестселерот Ypsilon, Lancia на европскиот пазар би можел да настапи со неколку нови модели како што се Delta, Thema, Phedra, Fulvia како и нов SUV модел.
Официјалните планови за Lancia како и останатите брендови се очекуваат да бидат објавени до крајот на следната година кога се очекува да биде спроведена првата фаза од спојувањето.