За поголема безбедноста во сообраќајот се залагаат сите, а Стојанче Стоилов, капитенот на европскиот ракометен првак Вардар се приклучи кон кампањата за подигнување на свеста за потребата од поголема безбедност во сообраќајот.
Кампањата, започната во март годинава, активностите за овој месец ги насочи на темата „Се грижам за безбедноста на пешаците во сообраќајот“.
Стоилов со својот личен пример и влијание како популарен спортист во наредниот период ќе ги промовира во јавноста пораките од кампањата со цел да придонесе кон унапредување на сообраќајната култура во земјава.
„При запознавањето со кампањата ми беше укажан податок дека во 2016 година поради грешки на пешаци се случила дури 161 незгода со потешки последици и тоа треба да биде причина да се испрати апел до сите учесници во сообраќајот. Возачите да застанат на пешачки премин и да дозволат пешакот безбедно да премине, а пешаците да преминуваат на обележан премин и да не претрчуваат каде било. Со ваквото однесување, кога возрасните ќе ги почитуваат пропишаните сообраќајни правила, ќе бидат соодветен пример од кој ќе учат и децата, со што ќе се придонесе кон подобрување на севкупната сообраќајна дисциплина. Сообраќајните патишта се за сите, ни припаѓаат на сите нас, возачи, мотоциклисти, велосипедисти и пешачи и затоа сите треба да внимаваме, бидејќи подеднакво носиме одговорност за безбедноста на сите учесници во сообраќајот“, изјави Стојанче Стоилов.
Националната кампања „Јас внимавам“, која секој месец ги потсетува граѓаните дека секогаш треба да се почитуваат сообраќајните правила и прописи, и овој пат ги наградуваше со вредносни ваучери за гориво од компанијата Окта, совесните возачи кои ги пропуштаа пешаците безбедно да преминуваат улица на обележан пешачки премин.
Кампањата, создадена во соработка со Министерството за внатрешни работи со својата сеопфатност на актуелната проблематика, досега доби поддршка од голем број јавни личности и граѓани. Активностите од кампањата се насочени и кон едукација на најмладите учесници во сообраќајот. Компанијата Окта преку донации во основните училишта на едукативни сообраќајни полигони, дистрибуција на боенки на тема основни сообраќајни правила за децата, како и изведување театарска претстава што претставува симулација на сообраќајни ситуации со кои децата најчесто се соочуваат, има за цел да даде свој придонес кон подобрување на сообраќајната едукација на најмалите, а со тоа и зголемување на нивната безбедност во сообраќајот.