Град Скопје, Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, Авто-мото сојузот на Македонија и 30 ресторани во Скопје почнуваат кампања „Ги возиме одговорните“ со која ќе ги мотивираат возачите да не возат пијани. Гостите во кафаните со нарачување на такси на онлајн апликацијата ќе добијат ваучери од 100 денари. Парите за ваучерите кои ќе ги добиваат пијаните гости ќе ги обезбедат кафаните кои се вклучени во овој проект.
Прокет сличен имаше и пред неколку години кога во истиот беше вклучен ресторанот Форца и Аутомотив Груп, само што сега истиот е проширен на околу 30 ресторани во Скопје. Сите што ќе решат да излезат во град и да се напијат некоја чашка повеќе нема да му ја мислат за враќање – дома ќе си одат како господа.
Неизвесно е само кој ќе реши дали некој гостин е поднапиен, и дали ќе работи системот за резервации, и дали само на тие гости им следува бесплатно такси. Добра идеја, ама не е целосно фер, бидејќи вистинските „пијачи“ остануваат до подоцна во град. И што е со оние што се примерни и не решаваат да пијат повеќе, за нив нема ништо.
– Град Скопје реши да го поддржи овој настан заедно со АМСМ и Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата од причина што безбедноста на учесниците во сообраќајот во Скопје е во редот на нашите врвни приоритети. Многу ме загрижуваат бројките на пијани возачи во Скопје. Пред некој викенд дури 500 возачи беа фатени како возат под дејство на алкохол. Со вакви бројки не е воопшто чудно што сме на дното на листите за безбедност на улиците во европски рамки- изјави Шилегов.
Тој додаде дека можноста на нашите сограѓани кои имаат резервација преку Ресторани.МК (www.restorani.mk) да користат бесплатен такси превоз за враќање дома по добрата забава во некој од скопските ресторани е одлична можноста да се соочиме со реалноста.
– Целта на оваа кампања е да ја зголемиме свеста кај граѓаните да возат одговорно, да избегнуваат да возат под дејство на алкохол како не би со загрозиле ниту својот ниту животот на другите учесници во сообраќајот. Граѓаните на Скопје мора да заборават на своите автомобили кога консумираат алкохол. Јавниот превоз работи до доцна во ноќта, такси цените се релативно евтини во споредба со други градови, а сега нудиме и можност за бесплатно такси. Во вакви услови сметам дека овде веќе не може да се има никаква толеранција за возење под дејство на алкохол- истакна Шилегов.