Доколку често вашето возило го паркирате под дрвја во обид да ги избегнете горештините тоа може да ви донесе одредени проблеми со возилото, па затоа некои работи треба да се имаат предвид. Како пример несаканите лепливи дамки на автомобилот покрај боровите ги оставаат и листопадните дрвја од чии листови се лачат сокови кои во текот на сончевите денови многу тешко се отстрануваат.
Во лето често паркираме под дрва, а таму има птици кои додека стојат го испуштаат изметот. Особено на одмор барајќи сенка автомобилот го оставаме под некој бор – бидејќи има „подебела“ сенка. Но, што правиме со флеките на возилото?
Смолата и птичјиот измет делуваат агресивно на површината со тоа што ја разјадуваат и брзо продираат во неа. Затоа е потребно што побрзо да се исчисти. Ако смолата се задржи подолго време ќе се скрути, па на тие места може да дојде до лупење на бојата.
Од друга страна, птичјиот измет, кој интензивно продира во бојата, доколку подолго време не биде отстранет може толку да го нагризе лакот што на него ќе останат непријатни кафени дамки кои во поголемиот дел од случаите не може да ги спаси ниту полирање. Единствениот лек е само повторно лакирање. Затоа е препорачливо што побрзо возилото да биде исперено барем со обична вода.
Пред да почнете да ја симнувате смолата или причјиот измет потребно е автомобилот комплетно да го исперете од прашината. Идеално е да користите пиштол со висок притисок, но ќе послужи и обично црево за полевање во градината. Потоа земете мека памучна крпа со микровлакна и добро натопете ја со вода и со детергент и со лесни кружни движења истријте го целиот автомобил и повторно темелно исперете го.
Местата на кои останале слузави материи без разлика дали станува збор за смола или остатоци од изметот на птиците можете дополнително да ги исчистите со „алтернативни“ методи како на пример со масло за јадење. Маслото ја раствора смолата, но потребни му се неколку часа за да делува. Местото зафатено со смолата прекријте го со памук или со крпа натопена во масло. Оставате го неколку часа, па со лесни кружни движења истријте ги зафатените места. Многу вљубеници во автомобилите за чистење на смолата често го користат и легендарното средство WD-40, на чија примена нема крај: ги отстранува разните налепници на стаклата на автомобилот, ги чисти ланците на мотоциклите, ги отстранува слоевите на масло од мотор, чисти и штити хромирани површини, измет од разни птици…
Доколку перењето со сапуница од детергент, масло за јадење и семоќниот WD не даваат резултати најдобро е помош да се побара во автопералните или во продавниците за автокозметика во кои можете да купите специјализирани средства за чистење. Која метода да ја одберете уште еднаш добро исперете го автомобилот и тоа со ладна вода. На крајот можете да го премачката со восок за заштита од надворешни влијанија (смола, птичји измет…). Нечистотијата многу полесно се отстранува од површини заштитени со восок бидејќи тој спречува агресивните и лепливи материи да продрат длабоко во бојата.