Реконструкцијата на спортската сала „Расадник“ е при крај, а во неа е планирано да се врати и двократниот европски шампион РК Вардар. Но, додека салата се разубавува однатре, надвор расте загриженоста – паркингот воопшто не го следи темпото на инвестициите.
Малиот постојен паркинг пред салата, заедно со дополнително уредениот паркинг простор кој го направи општината, веќе сега немаат доволен капацитет да ги примат сите возила – иако салата сè уште не е во функција. Целиот овој дел од населбата е пренатрупан со автомобили, а слободно место ретко се наоѓа и во најблиската околина. Жителите на околните згради со право се прашуваат што ќе се случи кога Вардар навистина ќе почне да игра тука и салата ќе се полни до последно место.
Но, факт е дека токму станарите од околните згради го користат и паркингот на салата за своите потреби, со своит еприватни и службени возила, а често и со доставни камиончиња кои тука остануваат со денови. Многу од новоизградените згради немаат свои паркинзи, ниту гаражни места што претставува дополнителен проблем.
Во една од активните локални групи на социјалните мрежи, жители предупредуваат дека „веќе сега нема каде да се паркира“, потсетувајќи дека Расадник е густо населена зона и без натпревари, а камoли со редовни ракометни спектакли.
На советничко прашање до градоначалничката за тоа дали се планира конкретно решение за паркирањето околу салата, одговорот бил дека „просторот е тој што е“ и дека како мерка се планира воведување зонско паркирање во овој дел.
Дел од советниците и граѓаните реагираат дека зонското паркирање не го решава основниот проблем – недостигот на паркинг-места – туку само го наплатува, па стравуваат дека мерката ќе донесе нови трошоци, а мали реални бенефити.
Во меѓувреме, општината Кисела Вода веќе реализираше неколку паркинг-проекти во Расадник. Во 2023 година беше најавен нов паркинг за околу 130 возила на површина од околу 1.000 квадратни метри, како четврти паркинг во овој дел на општината во период од две години. Иако тоа донесе делумно растеретување, очигледно е дека со активирањето на салата проблемот повторно ќе ескалира.
Зонското паркирање во Кисела Вода не е сосема нова тема. Уште во 2018 година, во програмите на „Градски паркинг“ и Град Скопје беше предвидено ширење на зоните и на делови од Кисела Вода – на улиците „Антон Попов“, „Емил Зола“, „Иван Козаров“ и „Вера Јоциќ“, со напомена дека реализацијата ќе зависи од ставот на граѓаните. Во последните години општината спроведуваше и анкети меѓу жителите за можноста за зонско паркирање, а мислењата останаа поделени – дел го сметаат за нужност поради хаосот, други за непотребен дополнителен трошок кој сам по себе не создава нови места за паркирање.
Дебатата продолжува и на социјалните мрежи, каде во групи посветени на проблемите во Кисела Вода се водат жестоки расправи „за“ и „против“ зонско паркирање, со посебен фокус на населбата Расадник и околината на салата.
Факт е дека, според последните најави, зонското паркирање и официјално ќе стане дел од секојдневието и на Кисела Вода – вклучително и просторот околу салата „Расадник“. Но, останува отворено прашањето: без нови, реални паркинг-капацитети, дали зоните ќе донесат ред, или само ќе му додадат нов проблем на веќе преоптоварениот кварт?









