Корејската компанија Hyundai Motors објави дека имале најмал квартален профит во последните пет години, што било причинето од големите попусти што биле давани за да се поттурне продажбата на нивниот најмал седан кому не му одеше баш најдобро во Ј.Кореја и САД.
Нето профитот на компанијата паднал за 39 отсто, на 858,07 милиони долари. Продажбата паднала за 0,1 отсто, а оперативниот профит паднал за 33 отсто. од Hyundai велат дека претстои период на неизвесност поради конкуренцијата и зголемениот протекционизам.
Во најдобрите времиња, во 2011 година на секои 20 продадени возила во САД, повеќе од едно возило беше од Hyundai, а предничеа Elantra и Sonata седан. Но, потоа корејската компанија не беше толку успешна со седанот бидејќи конкуренција имаа во Honda Civic во САД и Renault SM6 во Јужна Кореја. Ситуацијата стана и полоша со зголемениот интерес за СУВ возила, иако тие имаа поголема потрошувачка на гориво во време кога цената на суровата нафта растеше.
Сега ситуацијата не е баш розова, особено по најавите на новиот претседател на САД, Доналд Трамп за зголемување на царините на производите што се увезуваат, а Hyundai тука е број 2 на пазарот.
За годинава Hyundai вели дека очекува „предизвикувачка бизнис атмосфера“ во САД. Заедно со Kia Motors се петти најголем светски производител на автомобили, но имаат најмал процент на возила произведени во САД што се продаваат на пазарот.
Hyundai најави дека планира понуда на нови модели, како што е мал СУВ и редизајнирана Sonata, за да се подобри продажбата, особено на домашниот пазар каде во периодот октомври – декември имало пад од 18 отсто.
Во САД групацијата планира да ги зголеми инвестициите за 50 отсто на 3,1 милијарда долари во период од пет години со цел да се заштитат од протекционизмот. Се планира фабрика каде ќе се произведува СУВ возила и премиум моделот Genesis, и се очекува зголемување на понудата на Sante Fe СУВ и Tucson СУВ со цел да се задоволат потребите на пазарот.