Goodyear официјално ја заврши продажбата на правата на брендот Dunlop за потрошувачки, комерцијални и специјализирани пневматици во Европа, Северна Америка и Океанија на компанијата Sumitomo Rubber Industries (SRI). Зделката, вредна вкупно 735 милиони долари, стапи на сила на 7 мај 2025 година.
Во вкупниот износ се вклучени 526 милиони долари за самиот бренд Dunlop, 105 милиони како надомест за транзициска поддршка и 104 милиони за залихи. Goodyear најави дека средствата ќе ги искористи за намалување на задолженоста, како дел од стратегијата за трансформација наречена Goodyear Forward.
„Продажбата на Dunlop е уште еден чекор напред во оптимизирањето на нашиот бренд-портфолио и фокусот на клучните сегменти“, изјави генералниот директор и претседател Марк Стјуарт. „Остваруваме значаен напредок и остануваме фокусирани на растот и трансформацијата.“
Инаку, Goodyear вработува околу 68.000 луѓе и произведува гуми во 53 погони во 20 земји. Со иновациски центри во САД и Луксембург, компанијата продолжува да развива напредни технологии за пневматици.









