Ford донесе одлука да го прекине производството на моделот Kuga до крајот на 2026 година. Популарниот SUV, кој со години беше еден од клучните модели на брендот на европскиот пазар, ќе замине во историјата без официјално најавен директен наследник.
Одлуката е дел од пошироката стратегија на Ford за реструктурирање на понудата и насочување кон електрични модели и нови технологии. Иако Kuga беше меѓу најпродаваните модели во својот сегмент, компанијата очигледно прави пресек и го редефинира својот пристап кон средната SUV класа.
Во моментов нема информации дали името Kuga ќе продолжи да живее во некаква електрична форма или целосно ќе исчезне од понудата. Ова остава празнина во гамата на Ford, особено за купувачите кои бараа практичен и достапен SUV со класични мотори.
Производството ќе продолжи во ограничен обем до крајот на 2026 година, по што моделот официјално ќе биде повлечен од пазарот. За многумина, Kuga ќе остане запаметена како еден од најуспешните SUV модели на Ford во Европа.









