Новиот Mitsubishi Outlander е фатен замаскиран за време на тестирањето. Четвртата генерација која ќе се појави следната година во моментов се тестира, а јапонскиот производител не открива многу детали.
Се темели на целосно нова платформа развиена од Renault-Nissan, а иста таква користи и Nissan X-Trail.
Не е јасно каде точно ќе биде светската премиера, дали на овогодинешниот саем во Токио или можеби Њујорк или Женева следната година. Она што се претпоставува е дека ќе добие 1.5 литарски турбо бензински мотор ист каков што се користи кај Eclipse Cross, и дека ќе добие plug-in хибридна верзија.
Инаку за прв пат овој модел беше воведен во 2001 година кога беше претставена првата генерација. Веќе следната генерација која се појавува во 2006 година доживува огромен успех произведувајќи се во Јапонија, Холандија, Русија и Тајван. Третата, актуелна генерација се појавува во 2013 година и е првата која добива plug-in хибриден погон.