Едно од најголемите пристаништа во светот, Антверпен-Бриж во Белгија, е претворено во гигантско „гробиште“ за илјадници автомобили, комбиња и камиони наменети за Соединетите Американски Држави., пренесеува весникот The Guardian.
Причината за ова е трговската војна што ја започна американскиот претседател Доналд Трамп против земјите членки на Европската Унија. Од април 2025 година, за повеќето европски автомобили има дополнителна царина од 25%, што ја зголемува нивната цена на американскиот пазар за десетици илјади долари.
Извозот на нови автомобили од пристаништето Антверпен-Бриж кон САД е намален за 15,9% во првата половина на 2025 година, а најголем пад е забележан во мај, веднаш по објавувањето на новите тарифи. Извозот на камиони и тешка специјализирана механизација (како трактори и градежна опрема) е намален уште повеќе – за 31,5%.
Од пристаништето признаваат дека перспективите за втората половина од годината се и понатаму неизвесни. Сè зависи од тоа дали ќе биде постигнат трговски договор меѓу ЕУ и САД до 1 август. Европските производители на автомобили, од Volkswagen до Volvo, се надеваа дека договорот ќе биде постигнат уште минатата недела.
Во 2024 година, пристаништето Антверпен-Бриж има обработено над 3 милиони автомобили за транспорт низ светот. Претставникот на пристаништето, Џастин Аткин, забележа дека, за разлика од пандемијата или Брегзит, тарифните ограничувања дошле како „неочекуван шок“ за автомобилската индустрија.
Ситуацијата дополнително се влошува поради глобалните логистички проблеми. Поради конфликтот во Црвеното Море и порастот на големината на бродовите, контејнерите остануваат во пристаништето и до осум дена, додека претходно се „обработувале“ за само пет.