Во последно време, низ Европа се шири трендот на зголемување на максимално дозволената брзина на автопатите. Но, дали ова има смисла во време кога ЕУ силно се залага за намалување на емисијата на штетни гасови?
Додека во повеќето европски земји ограничувањето на брзината на автопатите е 130 км/ч (како во Македонија), некои земји одат чекор понатаму. Најниската дозволена брзина на автопат е 100 км/ч – во Норвешка и на дел од словенечкиот автопат кај Копер. Германија останува специфичен случај – иако постојат делници без ограничување на брзината, сепак препорачаната брзина е 130 км/ч.
🇨🇿 Во Чешка, веќе се вози со 150 км/ч на делницата меѓу Табор и Чешке Будејовице, а наскоро ќе следуваат нови делови со ова зголемено ограничување.
🇦🇹 Австрија се подготвува да го следи истиот пример – новата коалиција (FPÖ и ÖVP) веќе постигна договор за ова прашање.
🇮🇹 Италија размислува за 150 км/ч, но само на автопатски делници со три коловозни ленти.
🇪🇸 Шпанија веќе го имплементира новото ограничување на дел од AP-7, но тоа важи само во одредени времиња и под одредени услови.
Зголемувањето на брзините оди спротивно со напорите за намалување на емисиите на CO₂. ЕУ ги казнува производителите на автомобили со 95 евра за секој грам CO₂ над дозволеното, а паралелно се зголемуваат ограничувањата за брзина на патиштата. Разликата во потрошувачката на гориво меѓу 120 и 150 км/ч може да биде и до 25%, поради зголемениот аеродинамички отпор – кој расте со квадратот на брзината, конкретно за 56% во овој случај.
Дали удобноста и брзината се поважни од ефикасноста и заштитата на животната средина? Ова прашање сè повеќе добива на тежина во европските јавни политики.









