Американската компанија која нуди приватно сместување се најде на удар на Европската Комисија поради заштитата на правата на потрошувачите.
“Се повеќе и повеќе луѓе своето сместување го пронаоѓаат на интернет, а овој сектор донесе многу нови можности за патниците ширум светот. Сепак популарноста не смее да биде изговор за отстапување од правилата на Европската Унија. Потрошувачите мораат јасно да разберат што и колку плаќаат и мора да постојат јасни и фер правила кога е во прашање откажувањето на сместувањето од страна на сопственикот. Се надевам дека AirBnb навремено ќе пронајде правилно решение за ова прашање” изјави портпаролот на комисијата за заштита на потрошувачите при ЕУ, Вера Јурова.
Еден од проблемите наведени од комисијата е разликите во цената помеѓу наведената цена и крајната цена што ја плаќа корисникот односно во првичната цена не се вклучени даноците и другите трошоци со што корисникот е донесен во заблуда.
Друга забелешка се нејаснотиите во условите за користење каде што во моментов и не се нуди голема заштита на корисниците. ЕК бара да се воведе права за корисникот да може да го тужи домаќинот во случаи на нанесена штета или несреќен случај.
Во однос на овие ставови на Европската Комисија со соопштение се огласи и AirBnb од каде наведуваат дека на корисниците при букирање им се пресметани сите трошоци со што имаат точна и детална информација околу сите директни и индиректни трошоци. Од AirBnb соопштуваат дека земајќи го во предвид интересот на заедницата тие се спремни за соработка за надминување на оваа спорна ситуација.