Владата на Турција ќе ги повлече сите автомобили од Volkswagen од возниот парк на официјални автомобили. Се смета дека претседателот Ердоган го сторил тоа како реакција на откажувањето на германските инвестиции во Турција.
Според извештајот на критичкиот весник „Sözcü“, претседателскиот кабинет им издал циркуларна наредба на министерствата и властите да ги повлечат автомобилите Volkswagen (VW) како официјални автомобили.
Првично VW планираше да изгради фабрика за моделите VW Passat и Skoda Superb близу до градот Маниса. Инвестицијата требаше да биде во износ од близу една милијарда евра. Фабриката ќе создадеше повеќе од 4.000 работни места и ќе произведуваше 300.000 возила годишно.
Инвестициските планови на VW се ставени под прашање во Германија поради недостатокот на демократија во Турција. Решавачкиот настан (за откажување на инвестициите) беше воената операција во Сирија во октомври во 2019 година, која беше силно критикувана во меѓународниот план и дури опишана како „инвазија“.
После овој инцидент Volkswagen ја поништи одлуката да инвестира во Турција. Планот на крајот се сруши во 2020 година кога пандемијата со коронавирусот беше идентификувана како клучен фактор за одлуката. Volkswagen официјално објави дека „при сегашните околности не е неопходно да се проиведуваат дополнителни автомобили“.
Министерот за финансии на Турција, Мустафа Варанк реагираше со негодување: „Знаевме дека некои лица не ја сакаат оваа инвестиција во Турција. Доколку некоја компанија котира на берзата тоа е инвеститорска измама, доколку нејзините решенија се земат поради политички притисок. VW ги доведе во заблуда своите акционери“, рече тој.
Во минатото претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган лично учествувал во преговорите за градење на фабриката на Volkswagen. Со бојкотот на Турција за официјалните автомобили од овој бренд, германската група губи доходовен бизнис, со оглед на тоа што Владата на Турција асполага со возен парк од над 115.000 автомобили.