Со успорувањето на продажбата на електрични автомобили, европските производители сè повеќе се ориентираат кон хибридни и range-extender решенија. BMW и Volkswagen, во овој контекст, го поддржуваат германскиот електромоторен стартап DeepDrive, чија технологија совршено се вклопува во двата типа погонски системи.
Компанијата DeepDrive е со седиште во Минхен. Извршниот директор, Феликс Порнбахер, за Automotive News Europe изјави:
„Во моментов сме силно фокусирани на хибридни системи и range extender мотори. Кога ќе одберете автомобил со хибриден погон, важно е моторите да бидат компактни и лесни. Токму тука ние правиме разлика.“
DeepDrive има патентирано двојно-роторски електричен мотор со намалени димензии и маса. Компанијата исто така развива и мали мотори кои се вградуваат директно во тркалата – тие ќе бидат официјално претставени на автомобилскиот саем во Минхен во почетокот на септември.
Според независни тестирања, електромоторите на DeepDrive покажале дека се поефикасни, подолготрајни и поекономични во споредба со конкурентските решенија.
И покрај развојот на хибридни технологии, DeepDrive не се откажува од целосно електричната иднина. Според Порнбахер, нивните мотори сè уште се во развојна фаза:
„На инженерската страна ѝ е потребна уште 20-30% доусовршување. Потоа, двојно-роторските мотори и оние вградени во тркалата ќе бидат подготвени за пазарот.“
Масовното производство на овие мотори се очекува до крајот на оваа деценија – околу 2028 или најдоцна 2029 година.
Дали интересот за хибридни решенија значи и пад на интересот за целосно електрични возила? Не баш.
„Сите клиенти со кои разговараме сакаат да разгледуваат различни технологии, вклучувајќи ги и оние поврзани со мобилност без емисии,“ вели Порнбахер.
Со други зборови – иднината е електрична. Но, додека тоа стане секојдневие, решенијата кои ја подобруваат ефикасноста и ги намалуваат емисиите веќе привлекуваат голем интерес – особено од компании како BMW и Volkswagen.