Двотакните мотори со децении беа симбол за чад, мирис на неизгорено гориво и високи емисии. Од автомобилите одамна исчезнаа и останаа во мали мотори, работни машини и мотоцикли. Сега, неочекувано, General Motors работи на технологија со која сака да му даде втора шанса на двотактниот мотор – но во сосема ново, модерно и „чисто“ издание.
Според патентна документација и пишувањата на повеќе регионални и европски авто медиуми, GM развива двотактен мотор со електронски контролирана чаура помеѓу клипот и цилиндерот, со цел радикално да се намали главниот проблем на оваа технологија – загадувањето.
Зошто двотакните мотори исчезнаа од автомобилите
Класичниот двотактен мотор има многу поедноставна механика – нема брегаста осовина, вентили и сложен тајминг. Размената на гасови се случува преку отвори во ѕидот на цилиндерот што клипот ги отвора и затвора. Тоа го прави моторот:
– поедноставен конструктивно
– полесен
– со многу висока специфична моќ во однос на зафатнината
Но токму тука е и проблемот. Во краток момент и усисните и издувните отвори се отворени истовремено. Дел од неизгореното гориво директно заминува во издувот без да се искористи. Резултат е:
– високи емисии
– големо загадување
– неефикасна потрошувачка
Во ерата на строги еколошки стандарди, ваков мотор практично немаше шанси да опстане во патничките автомобили.
Што точно патентира GM
Новото решение на General Motors се врти околу една клучна идеја: наместо клипот пасивно да ги „открива“ отворите, да се воведе подвижна чаура – некаков вид внатрешен „ракав“ помеѓу клипот и цилиндерот – која ќе ги контролира усисните и издувните отвори.
Според патентот и анализите на специјализираните медиуми, системот вклучува:
– подвижна чаура помеѓу клипот и ѕидот на цилиндерот
– електромеханички актуатор што ја поместува чаурата независно од движењето на клипот
– електронска контрола која точно одредува кога ќе се отвори и затвори секој отвор
Со ова може:
– да се избегне моментот кога и усисот и издувот се отворени истовремено
– да се намали „бегањето“ на неизгореното гориво во издувот
– да се добие поефикасна размена на гасови и почисто согорување
На кратко – се обидуваат да ја задржат механичката едноставност и моќта на двотактниот мотор, но со контрола и чистота поблиска до современите четиритактни агрегати.
Кои се потенцијалните предности
Ако технологијата профункционира во реални услови, двотактниот мотор на GM би можел да понуди неколку сериозни предности:
– помала тежина и поедноставна конструкција во однос на класичен четиритактен мотор
– висока моќ и вртежен момент од мал работен обем
– потенцијално пониски трошоци за производство
– можност за компактни, силни мотори кои би биле идеални за хибридни системи
Со електронска контрола на чаурата, моторот би можел да се прилагодува на различни режими на работа – економичен, спортски, па дури и специјални режими за работа со алтернативни горива.
Volvo и други истражуваат слични решенија
Во анализите се споменува дека не е само GM тој што гледа потенцијал во „ренесансата“ на двотактниот мотор. И други производители, како Volvo, поднеле сопствени патенти за модерни двотактни мотори.
Ова покажува дека идејата не е изолиран технолошки каприц, туку поширок тренд: во ера на електрификација, хибридизација и потрага по поефикасни агрегати, производителите бараат и „странични патеки“ – не само класичен downsizing на четиритактни мотори, туку и враќање на стари концепти со нова технологија.
И покрај големиот интерес, остануваат многу прашања:
– во каков тип возила би се користел овој мотор – градски автомобили, SUV модели, комерцијални возила или само специјализирани сегменти
– со какво гориво ќе работи – класичен бензин, синтетички горива, или можеби комбинација во хибридни системи
– дали навистина ќе може стабилно да ги исполни европските и американските еко норми во реална употреба, а не само на тест-штанд
Во моментов нема официјална најава за сериско производство, ниту конкретен модел во кој првпат би можел да се појави. Но самиот факт што голем производител како General Motors сериозно инвестира во развој на двотактен мотор со електронска контрола е јасен сигнал дека индустријата не е фокусирана единствено на батерии и електромотори.









