Тежок период за автоиндустријата во Европа. Последните податоци поврзани со продажбата покажуваат драстичен пад во септември од -23.5%. Со ова се намалува растот од минатите осум месеци, но и покрај тоа, во 2018 година има за 2.5% поголема продажба во однос на првите девет месеци минатата година.
Аналитичарите сметаат дека најголемо влијание за драстичниот пад на продажбата има влијанието на новите WLTP еколошки процедури кои ја отежнаа продажбата на голем број модели. Најголем процентуален пад на продажбата има Романија од високи -73.4%. Втора земја на листата со најголем негативен пораст е Австрија и тоа од -41.8% по што следи Шведска со -39.7%. Со пад од над 30% се уште и Белгија, Германија, Луксембург и Словачка.
Од сите земји во Европската Унија, единствено Бугарија и Хрватска имаат забележано раст на продажбата на нови автомобили. Така нашиот источен сосед има најголем процентуален раст од 8.5% додека во Хрватска продажбата на нови автомобили е зголемена за 3.3%.
Во однос на продажбата по производители, во месец септември најголема продажба има забележано PSA Групацијата од 198.988 нови автомобили по што следи VW Групацијата со продадени 171.963 автомобили. Токму оваа мултинационална компанија има најголем пад на продажбата и тоа од -48.0% што е најголем месечен пад во последните десет години. Сепак и покрај тоа, доколку ја земем продажбата за првите девет месеци од годината, VW Групацијата и натаму е на врвот со продадени 2.894.664 автомобили што споредбено со првите девет месеци минатата година е раст од 5.6%.
На третата позиција со продадени 99.371 автомобили се наоѓа BMW Групацијата додека најдобрата петорка ја сочинуваат уште Renault и Daimler.
На ниво на Европска Унија, во месец септември се продадени вкупно 1.091.220 автомобили што во споредба за септември минатата година е намалување за 335.793