Историската доминација на дизел моторите на европскиот пазар на нови автомобили забрзано заминува во минатото. По повеќе од една деценија пад, дизелот денес има само едноцифрен пазарен удел и веќе не е меѓу главните играчи во продажбата на нови возила во Европа. Паралелно, хибридите и електричните автомобили стануваат носители на пазарот и се претвораат во новиот стандард.
Дизелот падна под plug-in хибридите
Во последниот период plug-in хибридите во Европа имаат поголем пазарен удел од дизелите. PHEV моделите се искачуваат на околу 9 проценти, додека дизел автомобилите паѓаат на околу 8 проценти. Трендот е јасен – plug-in хибридите за првпат историски го надминуваат дизелот и ја преземаат неговата поранешна позиција во продажбата.
Ова е уште еден чекор надолу во стрмниот пад на дизел технологијата, која пред само десетина години држеше повеќе од половина од продажбата на нови автомобили во Европа. По скандалот со дизел моторите и воведувањето построги еколошки норми, најпрво бензинците го надминаа дизелот, потоа класичните хибриди, а во многу земји и целосно електричните возила веќе имаат поголем удел од класичните дизели.
Хибридите се новиот број 1 во ЕУ
На ниво на Европска унија, хибридите денес се најпопуларниот избор кај купувачите. Хибридните автомобили заземаат најголем дел од пазарот, додека електричните возила постепено се приближуваат и освојуваат двоцифрен удел. Истовремено, бензин и дизел заедно веќе не се доминантна сила како порано, што значи дека електрифицираните возила сочинуваат сè поголем дел од продажбата на нови автомобили.
Продажбата на plug-in хибридите бележи особено силен раст, особено на големи пазари како Германија, Италија и Шпанија, каде регистрациите на PHEV модели растат со двоцифрени стапки.

Електричните возила го надминаа дизелот
Паралелно со хибридите, стабилно расте и уделот на целосно електричните автомобили. На повеќе европски пазари електричните возила веќе го надминаа дизелот по удел во новите регистрации. Во некои земји речиси секој петти нов автомобил е целосно електричен, а трендот продолжува нагоре и покрај тоа што дел од државите ги намалија субвенциите.
Зошто дизелот губи, а хибридите добиваат. Падот на дизелот е резултат на комбинација од неколку фактори:
* Сè построги еколошки норми и емисиони стандарди, кои ја прават дизел технологијата технички посложена и многу поскапа за развој и хомологација
* Поголеми трошоци за производство и комплексни системи за третман на издувни гасови, кои особено ги елиминираа дизел верзиите кај помалите и поевтини модели
Многу популарни модели во Б сегментот, како VW Polo и Renault Clio, веќе воопшто не се нудат со дизел мотор
Владините стимулации, даночни олеснувања и субвенции за електрифицирани возила – хибриди, plug-in хибриди и електрични автомобили
Најавената забрана на продажба на нови автомобили со мотори со внатрешно согорување во Европската унија после 2035 година, што ја намалува довербата во дизел моделите и ја спушта нивната иднa препродажна вредност
Во меѓувреме, модерните бензински мотори стануваат сè поекономични и често се комбинираат со некаква форма на хибридизација, со што се намалува традиционалната предност на дизелот во потрошувачката на гориво.
Хибридите како златна средина за купувачите
Многу европски купувачи сè уште не се подготвени целосно да преминат на струја, но бараат пониска потрошувачка, помали емисии и разумни трошоци за одржување. Токму тука хибридите се наметнуваат како идеална преодна опција – комбинираат класичен мотор со електричен погон, без целосна зависност од инфраструктура за брзо полнење.
Во бројни гами, производителите нудат цели модели исклучиво со некаков вид електрификација: благ хибрид, класичен хибрид, plug-in хибрид или целосно електрична верзија. Така хибридите не само што го надминаа дизелот, туку во многу сегменти и сериозно им конкурираат на класичните бензинци.
Што следува за дизелот
Со ваква динамика, иднината на дизел моторите на европските патишта изгледа сè понеизвесно. Во премиум сегментите, големите SUV модели и дел од лесните комерцијални возила, дизелот веројатно уште некое време ќе остане присутен, но неговата улога ќе стане ограничена.
Хибридите, plug-in хибридите и електричните модели јасно се претвораат во нова мода и парвец. За голем дел од купувачите тие веќе претставуваат најпривлечен компромис меѓу цена, потрошувачка, емисии и практичност – а според трендовите, токму тие технологии ќе го обликуваат европскиот пазар на автомобили во наредната деценија.









