Десет најопасни работи што му пречат на возачот

ОБЈАВЕНО НА:

Ви донесуваме некои од најопасните работи што би требало да ги избегнувате додека возите, со што и вие би придонеле за намалување на сообраќајните несреќи, и пред се би ја зголемиле сопствената безбедност, а особено во градски услови на возење.

Безбедноста отсекогаш била значајна тема во автомобилскиот свет. Сите се фалат со бројот на освоени ѕвездички, бројот на воздушни перничиња што се вградени и со најновите технолошки системи за исправување на возачките грешки. Но, никој не посветува внимание на она што всушност ја предизвикува несреќата. Тоа во најголем број од случаевите е возачот, односно неговото однесување додека го управува возилото. И додека за повеќето од несреќите со потешки последици главна причина е неприлагодената брзина на условите на патот и лошата проценка на ситуацијата во сообраќајот, најголем дел од направените сообраќајни несреќи се предизвикани со одземање на вниманието на возачот. Ви донесуваме некои од најопасните работи што би требало д аги избегнувате додека возите, со што и вие би придонеле за намалување на сообраќајните несреќи, и пред се би ја зголемиле сопствената безбедност, а особено во градски услови на возење.

1. Мобилен телефон – Разговарање на мобилен телефон е една од најопасните работи додека управувате возило. Освен што возачот користи само една рака за управување на автомобилот, посебно е опасно одземањето на вниманието и намалување на концентрацијата на самите случувања во сообраќајот. Држењето на телефонот го отежнува управувањето, па често возилото „шета“ при менувањето на брзините. Пишување на СМС порака тој ризик повеќекратно го зголемува. Според некои испитувања дури и користењето на хенд фри додека возите ја намалува концентрацијата. Користењето на мобилен телефон е честа слика на македонските улици, особено во градовите, и особено додека чекате во некоја колона, на семафор и метеж.

2. Цигари – Пушењето за време на возење подеднакво е опасно. Возачот за да запали цигара, мора на неколку секунди да се сконцентрира на таа работа, тргајќи го погледот од сообраќајницата, а тоа при поголеми брзини претворено во далечина значи и неколку стотина метри возење на слепо. Особено опасно е доколку цигарата падна од рацете на возачот, бидејќи предизвикува моментална паника и неконтролирани потези. Истото се однесува и држењето на цигарата во рака, и истовремено држење на управувачот. Повеќе се мисли на цигарата отколку на возилото, па затоа и с егуби концентрацијата.

3. Аудио уред – Барањето на радио станици или менување ЦД исто така го одзема вниманието на возачот и го оттргнува неговиот поглед од она што се случува пред него. Особено опасно е ако се работи за комплицирани и непрегледни системи за чие управување е потребно повеќе концентрација. Најдобро е совозачот да биде задолжен за менување на станиците, ЦД и други детали поврзани за аудио системот. Така возачот ќе остане фокусиран само на она што е пред него на патот.

4. Многу возачи во своите возила појадуваат, односно јадат и пијат. Особено во утринските часови, кога се и најголемите метежи за стигнување на работните места. Тогаш е потребна најголемата концентрација. Барањето на чашката јогурт, кифлата, бурекот или другите јадења дополнително го оттргнуваат вашето внимание. Па следува чистење на трошките од телото и седиштето, и повторно главата е спуштена долу наместо да гледа што се случува напред.

5. Гласна музика – Многу возачи, особено оние помладите, уживаат во слушање на гласна музика. Таа покрај тоа што ја нарушува концентрацијата, го спречува возачот да слушне многупати многу корисни звуци во сообраќајот, како што се звучните сигнали на другите учесници во сообраќајот или самите возила во непосредна близина. Според истражувањата гласната музика делува понекогаш и на агресивноста на возачот, кој токму поради некоја музика знае да притисне и посилно на педалот на гаста.

6. Домашни миленици – Дали сте сретнале возач кој додека управува, истовремено во скут го држи малиот пекинезер? Или песот кој седи до него на совозачкото седиште и постојано скока, а возачот постојано се обидува да го смири. Една од најголемите опасности за безбедноста во сообраќајот можат да бидат токму домашните миленици, односно нивното непрописно превезување. Тие по правило треба да бидат во задниот дел од автомобилот, и да бидат врзани, за да не скокаат во автомобилот. Така возачот нема да внимава на миленикот да не направи некоја беља.

7. Неудобна облека – Иако за облеката што ја носат возачите, без разлика дали се машки и женски, не се придава големо значење, таа сепак е од голема важност. Неудобна облека може да го спречи навременото и правилно реагирање на возачот во критична ситуација. Тоа особено се однесува за жените возачи кои најчесто сакаат да возат со кондури со високи потпетици, или мажите кои во лето по правило седнуваат со папучи. Облеката на возачот треба да биде лесна, да може да седи удобно.

8. Положбата на седење – Зголемен ризик од сообраќајна несреќа предизвикува и неправилно седење. Возачот што не седи правилно не може адекватно и доволно брзо да реагира на новонастанатите ситуации во сообраќајот. Не треба да се заборави дека додека седите треба да го користите и безбедносниот ремен.

9. Надворешни влијанија – Често за оттргнување на вниманието не се виновни само постапките на самиот возач, туку у надворешните влијанија, како што се големи плакати, или разни нејасни и тешко читливи ознаки покрај сообраќајницата. Тоа е посебно често во градските услови на движење кога има голема концентрација на билборди на едно место, или некој интересен натпис, или плакат за некоја манифестација. Возачите знаат да ги читаат и оние информации покрај патот што не се секогаш важни за маршрутата на движење.

10. Сопатници – Не разговарајте премногу со возачот! Овој натпис што го има во сите автобуси на ЈСП најдобро ја отсликува ситуацијата. Разговор со сопатниците, особено во случаи на кавга или несогласувања, на возачот силно му го одзема вниманието и на тој начин ја загрозува безбедноста. Не дека е навистина забрането зборување додека возите, но, тоа да не бидат теми што ќе придонесат за зголемена напнатост.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK