Dacia повторно ја раздвижува автомобилската сцена со својот најнов концепт – Hipster Concept, визија за тоа како би можел да изгледа ултра-достапен и ултра-функционален електричен автомобил во блиска иднина.
Со должина од само три метри, четири вистински седишта и багажник што варира од 70 до 500 литри, Hipster Concept е дизајниран за секојдневен живот: агилен во градот, практичен на периферија и доволно економичен за сите што бараат едноставна мобилност без вишок луксуз.
Мисијата на Dacia – електрична мобилност за сите
Во време кога автомобилите стануваат се поголеми, потешки и поскапи, Dacia ја презема спротивната насока – минимализам и пристапност. Hipster Concept е дури 20% полесен од Dacia Spring, што значи помала потрошувачка на енергија, помалку ресурси при производство и за 50% намален јаглероден отпечаток во текот на животниот циклус.
„Ова е нај‘Dacia’ проект на кој сум работел, со општествено влијание слично на Logan пред 20 години,“ вели Ромен Говен, шеф на напреден и екстериерен дизајн во Dacia.

Дизајн што се црта во три линии
Hipster Concept е автомобил без вишок, со едноставен и робустен изглед. Четирите тркала поставени во аглите, без предни и задни надвисоци, му даваат стабилен став, а хоризонталниот преден дел со минималистички светла создава сериозен, но пријателски лик.
Најиновативно: вратата нема класична рачка, туку лента што е полесна, поевтина и практична.
Внатрешност – поголем однадвор отколку одвнатре
Интерирот ја следи кубичната форма на каросеријата и нуди изненадувачки многу простор. Четири возрасни седат комфорно, со предни седишта обединети во една практична клупа – омаж на иконските народни автомобили од минатото.
Багажниот простор е флексибилен – од 70 литри со четири патници до 500 литри кога задните седишта се собрани.
Dacia Hipster Concept е „YouClip® native“, што значи дека сопствениците сами можат да го прилагодуваат ентериерот со низа едноставни додатоци – од држачи за чаши до светилки и звучници.

Технологија без вишок
Во духот на филозофијата BYOD (Bring Your Own Device), смартфонот е во центарот на технологијата. Тој служи како клуч, мултимедијален екран и аудио-систем преку Bluetooth звучник. Со тоа, Dacia го елиминира непотребниот хардвер и трошоци, задржувајќи го само она што е навистина потребно.
Со Hipster Concept, Dacia го поставува прашањето: што е навистина есенцијално во автомобилот на иднината? Одговорот е јасен – едноставност, практичност и пристапност. Овој концепт не е само уште еден електричен автомобил, туку обид да се измисли нов „народен автомобил“ – овојпат целосно електричен.









