Веќе години наназад се шпекулира дека Dacia ќе го збогати своето портфолио со нов SUV кој ќе биде позициониран над или под Duster, но засега нема ништо од тоа. Периодов, повторно се подгреваат шпекулациите за такво нешто.
Овојпат, шпекулациите доаѓаат од доброупатените романски медиуми кои наведуваат дека новиот SUV ќе биде поголем од Duster и во понудата ќе дојде со верзија со седум седишта.
Новиот нискобуџетен SUV би требало да се темели на CMF-B платформата развиена од Renault-Nissan Алијансата. Истата оваа платформа ја користи и новата генерација на Renault Clio, но за разлика од него, новиот романски SUV би бил подолг за нешто повеќе од половина метар.
Во однос на мотористиката, во понудата ќе дојде со истите мотори како и Logan, Sandero и останатите модели на Dacia. Тоа значи дека тука ќе биде 1,0 литарскиот и 1,3 литарскиот турбобензински мотор како и добро познатиот 1,5 dCi турбодизелски мотор.
Комерцијализацијата на овој модел би требало да се случи во првата половина од следната година.