вторник, 25 декември, 2025 година

Dacia C-Neo пристигнува во 2026 – огромен багажник, хибриден погон и цена како за народ

ОБЈАВЕНО НА:

СПОДЕЛИ:

Instagram
FbMessenger
WhatsApp
RSS
Follow by Email
Copy link
URL has been copied successfully!

ПОВРЗАНИ НАПИСИ

Dacia во 2026 година подготвува нов силен адут за семејствата во Европа – целосно нов караван во C-сегментот, познат под интерното име C-Neo. Овој петврат семеен караван ќе застане рамо до рамо со SUV моделот Bigster и седумседот Jogger, но ќе биде наменет за купувачи кои сакаат многу простор и практичност, без да влезат во светот на SUV моделите.

Според пишувањето на Autoexpress, прототип возила на C-Neo веќе се тестираат на патиштата, а од папрацо фотогрaфиите кои ги објавува магазинот првото што паѓа во очи е долгото задно надвиснување, кое треба да обезбеди голем багажник. Се очекува волумен од околу 600 литри, со можност задните седишта целосно да се соборат за да се добие рамен простор за товар – велосипеди, детски колички или спортска опрема. Како и кај другите Dacia модели, стандард се практичните кровни носачи.

- Advertisement -

Иако е робусен и практичен, C-Neo не е нацртан како „кутиичка на тркала“. Лакест покрив и накосен заден капак му даваат профил сличен на модерните каравани, со поелегантна линија од правоаголните форми на Jogger. Меѓуоскиното растојание е блиску до 2,7 метри, слично на Bigster, а вкупната должина ќе биде околу 4,5 метри. Каросеријата ќе добие пластични заштити по рабовите и браниците, во стил „outdoor“, типично за новата Dacia филозофија.

Техничката основа е познатата CMF-B платформа на алијансата Renault – Nissan, која ја користат и Sandero, Jogger и Duster. Таа дозволува верзии со преден погон, но и со погон на сите тркала во одредени конфигурации, што значи дека во иднина е можен и „покрути“ C-Neo со 4×4 за љубители на кампирање и авантури.

Премиерата на C-Neo се очекува напролет 2026 година, а продажбата во некои европски пазари, треба да стартува наесен истата година. Цената е една од главните точки: Dacia го позиционира овој модел околу 20.000 фунти во Велика Британија, што значи дека ќе биде значително поевтин од ривали како SEAT Leon караван или Skoda Octavia, кои во многу конфигурации се движат околу и над 26.000 фунти.

Како и секогаш, Dacia игра на картата „максимум корист за минимум пари“. Тоа значи внимателно контролирани трошоци во развојот и производството, со бројни мали трикови за намалување на тежината и комплексноста. На пример, наместо две хидраулични потпори за електричниот заден капак, инженерите користат само една – полесно, поевтино и доволно ефикасно. Се разгледуваат и потенцијални решенија за полесни седишта, инспирирани од концептот Dacia Hipster, каде делови од класичната структура беа заменети со еластична мрежа.

Во поглед на погонот, Dacia јасно кажува: C-Neo нема да биде целосно електричен, но хибрид ќе има „на секој автомобил“. Главна улога ќе има новиот Hybrid 155 систем, веќе најавен за Bigster и освежениот Jogger. Станува збор за 1,8 литарски бензински мотор што работи по Atkinson циклус, комбиниран со електромотор и батерија од 1,4 kWh. Системската моќност ќе биде околу 150 КС, со доволно момент за лесно семејно возење и солидна ефикасност, особено во градски услови, каде Dacia тврди дека поголемиот дел од движењето може да биде на струја.

Паралелно, во понуда ќе биде и 1,2 литарски TCe трицилиндричен турбо мотор со 48V блага хибридна поддршка. Во зависност од конфигурацијата, тој ќе развива околу 138 КС, а во комбинација со погон на сите тркала нешто помалку, со шестстепен мануелен менувач. Така C-Neo ќе може да покрие широк спектар купувачи – од оние што сакаат поедноставен, поевтин бензинец до оние што бараат хибрид за пониска потрошувачка.

Кабината на C-Neo ќе дели многу елементи со Bigster и Jogger – истата основна табла, идентичен управувач и физички контроли, плус 10 инчен централен екран за инфозабава. Dacia YouClip системот ќе им овозможи на патниците да монтираат држачи за телефон, кутичиња и други додатоци на повеќе точки по внатрешноста, без скап bespoke додатен опрем. C-Neo е осмислен како просторен петсед – за седум седишта и понатамошна флексибилност и понатаму ќе остане Jogger.

Во делот на безбедност и асистенции, се очекуваат автоматско кочење во итен случај, помош за одржување лента, темпомат и систем за мониторинг на замор кај возачот. Dacia постепено го подига нивото на опрема и безбедност, но без да влегува во премиум територија, со цел цената да остане во рамките на тоа што го ветува брендот.

Dacia гледа во C-Neo клучен модел за раст во C-сегментот, најголемиот семеен сегмент во Европа. Целта на брендот е да стигне до продажба од еден милион возила годишно, а околу 20 проценти од тој волумен да доаѓа токму од вакви средни семејни модели. Веќе силниот интерес за Bigster и растот на Jogger им даваат самодоверба дека има простор за уште еден практичен, достапен модел за семејства.

Дополнително, по караванот, Dacia планира и пократка C-Neo хечбек верзија околу 2027 година, насочена кон директен дуел со VW Golf и другите класични европски хечбек модели, но по цена типична за Dacia: пониска од конкуренцијата, со фокус на суштинските работи, а не на гламур.

Со C-Neo, Dacia уште еднаш се обидува да ја погоди „болката“ на многу европски семејства: сакаат просторен, удобен и модерен автомобил, но не можат или не сакаат да платат премиум цена. Прашањето е едноставно – дали овој нов караван навистина ќе стане „ултимативен семеен автомобил“, како што најавуваат? Ако ги исполни ветувањата за цена, простор и практичност, конкуренцијата ќе има сериозен проблем.

 

Instagram
FbMessenger
WhatsApp
RSS
Follow by Email
Copy link
URL has been copied successfully!

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Патувања

НАЈЧИТАНИ

Новитети

Магазин

Тест

Додатоци

Вози на струја