CUPRA го подготвува официјалното претставување на новиот Born, првиот целосно електричен модел на брендот, а светската премиера е закажана за 5 март во 10 часот. Според најавите, редизајнираниот модел ќе донесе поостар и поемотивен изглед, освежен ентериер и најнова технологија.
Иако првичната тизер најава открива само мал дел од автомобилот, се знае дека дека новиот CUPRA Born ќе биде стилски доближен до поновите модели на брендот. Се очекуваат поизразени линии, поагресивно обликуван преден и заден дел, како и нова светлосна графика со триаголен потпис, што треба да му даде посовремен и попрепознатлив изглед.
Промени се најавуваат и во внатрешноста на возилото. Born треба да добие освежен ентериер со подобрени материјали, модернизиран инфозабавен систем и поширок пакет технологии за поврзување и асистенција во возење. Засега, CUPRA сè уште не ги открива конкретните технички детали, па останува отворено прашањето дали ќе има промени и во автономијата, батериите или перформансите.
Освежувањето на Born доаѓа во важен момент за брендот. Оваа 2026 година треба да биде пресвртна за CUPRA, со засилено присуство во електричниот сегмент и нов бран модели. Во таков контекст, новиот Born има задача не само да остане конкурентен, туку и дополнително да ја зацврсти позицијата на CUPRA како спортски ориентиран електричен бренд.
Тековната верзија на моделот веќе нуди силна техничка основа. Според официјалните податоци на CUPRA, Born VZ располага со моќност до 240 kW или 326 КС, автономија до 595 километри и брзо полнење од 24 минути, а воедно носи и спортски седишта, пера на воланот за регенерација и понагласен динамичен карактер. Дали и новиот Born ќе ги задржи овие бројки или ќе донесе дополнителни унапредувања, ќе стане јасно на официјалната премиера.









