Chery објави нови детали за развој на solid-state батерија (батерија во цврста состојба) која во напредна фаза би можела да овозможи автономија над 1.500 километри. Компанијата зборува за енергетска густина до 600 Wh/kg и најавува први тестови во реален автомобил на Exeed Sterra ET.
Кинескиот производител Chery објави нови информации за развојот на својата solid-state батерија – технологија што автомобилската индустрија со години ја смета за следниот голем чекор во електричната мобилност. На настанот „Battery Night“, компанијата претставила план според кој во напредна фаза оваа батерија би можела да овозможи автономија на автомобилот поголема од 1.500 километри со едно полнење.
Според објавените податоци, Chery таргетира енергетска густина до 600 Wh/kg, што е значително над она што денес го нудат сериските литиум-јонски батерии кај повеќето електрични модели. Во првата фаза се развива верзија од 400 Wh/kg, базирана на сулфиден електролит, додека „понапредната“ верзија користи полимерна структура и е насочена кон највисоките цели за домет.
Solid-state технологијата, за разлика од конвенционалните батерии што користат течен електролит, користи цврст материјал. Тоа, според општите очекувања во индустријата, може да донесе повисока безбедност, помал ризик од прегревање и поефикасно складирање енергија – што директно се претвора во поголем домет или помала батерија за ист домет.
Со ова, Chery јасно се позиционира во директна технолошка трка со други големи играчи во Кина како BYD, CATL и Geely, кои исто така развиваат свои концепти за батерии во цврста состојба. Разликата е во темпото: додека голем дел од производителите зборуваат за поширока примена по 2027 година, Chery најавува дека првите тестни апликации би можеле да започнат веќе следната година.
Особено интересен е фактот што Chery не ја претставува технологијата само како лабораториски проект, туку веќе ја поврзува со идни модели на брендот Exeed. Првите тестови во возило, според најавите, се планирани на Exeed Sterra ET, што покажува дека компанијата сака што побрзо да премине од развојна во реална примена.
Сепак, бројката од 1.500 километри треба да се чита внимателно. И самиот контекст сугерира дека ваквите домети најчесто се поврзуваат со лабораториски услови и оптимистички циклуси на мерење, па реалната автономија може да биде пониска. Но и значително помал реален домет од оваа цел би бил голем скок во однос на денешните електрични автомобили, кои најчесто се движат во рамки од 400 до 700 километри (зависно од модел и стандарди на мерење).
Од аспект на европскиот пазар, ваквите најави се важни затоа што покажуваат колку брзо кинеските производители се обидуваат да ја претворат батериската технологија во конкурентска предност. Во наредните години, токму батериите – цената, дометот, безбедноста и брзината на полнење – ќе бидат клучното поле каде ќе се решава односот на силите меѓу кинеската и европската авто-индустрија.









