Кинескиот автомобилски гигант BYD продолжува со својата агресивна стратегија за освојување на европскиот пазар и размислува за изградба на фабрика за батерии на Стариот континент, изјави специјалниот советник на компанијата Алфредо Алтавила.
Компанијата веќе гради фабрика за автомобили во Унгарија, која според планот треба да започне со работа кон крајот на годината. Дополнително, во Турција BYD ќе започне со производство во 2026 година, со капацитет на погон од околу 500.000 возила годишно.
BYD има за цел во наредните три години сите возила наменети за европските купувачи да се произведуваат во Европа, за да се избегнат царините на Европската унија. Според изјавата на извршната потпретседателка Стела Ли, plug-in хибридите ќе ја имаат главната улога во продажбата на краток рок, бидејќи се најбарани кај европските потрошувачи.
Компанијата, која на почетокот на своето европско присуство продавала исклучиво електрични возила на батерии, веќе ја прошири понудата со plug-in хибриди – сегмент кој бележи силен раст во побарувачката.
Одговарајќи на прашање дали BYD размислува за отворање на уште една фабрика за автомобили во Европа, Алтавила изјави дека компанијата мора сериозно да размисли и за локално производство на батерии.
„Нема смисла да се инвестира во склопување автомобили во Европа, а батериите да се транспортираат од Кина“, објасни тој на конференција за автомобилската индустрија во Милано.
Моментално, BYD е целосно фокусиран на започнување на производството во Унгарија, но во следната фаза ќе одлучува дали приоритет ќе биде третa постројка за автомобили или нова фабрика за батерии.
Алтавила нагласи дека компанијата ги разгледува сите европски земји како потенцијални кандидати за нови инвестиции, и веќе има комуникација со различни влади.
„Одлуката за нова локација зависи од повеќе фактори, но цената на енергијата е еден од најважните, бидејќи и фабриките за автомобили и фабриките за батерии имаат голема потрошувачка на енергија“, истакна советникот.









