Британија сака да стане светски лидер со електрични и автономни возила

ОБЈАВЕНО НА:

Британската Влада планира да инвестира над 800 милиони фунти (56,3 милијарди денари) во технологии за автономни и електрични возила кои имаат нула емисија на загадувачки гасови, со цел да ја развијат економијата, додека е во тек процесот за напуштање на Европската унија.

Со инвестицијата во истражувањето и во новата инфраструктура за полнење на батериите на возилата, се очекува Обединетото кралство да стане лидер со автономни и електрични возила, рече кралицата Елизабета во минатонеделното обраќање пред парламентот.

Владата проценува дека до 2035 година технологијата може да вреди 28 милијарди фунти и за да се постигне таа цел ќе се воведе задолжително автомобилско осигурување и за автономните возила. Секое возило и комбе до 2050 година треба да има нула емисии, ќе се воведе обврска на секоја голема бензинска станица и на сервисите за возила крај автопатите да има и полначи за електрични возила, да се воведат стандарди за полначи, како и да се инвестираат 200 милиони фунти во истражувања и тестирања на автономни возила. Останатите 600 милиони фунти во овој период да се искористат за поддршка на возила со ултра ниски емисии.

Бизнис заедницата, која беше загрижена дека премиерката Тереза Меј ќе се фокусира на повлекувањето на Британија од ЕУ и со тоа ќе ги потисне темите за намалување на загадувањето на воздухот, ги пречека новите мерки со поддршка.

Од вкупниот број на возила во Обединетото Кралство само 1 процент отпаѓа на електрични возила, но таа бројка ја вклучува државата во една мала група на земји по чии патишта се движат над 100 илјади електрични возила.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK