Летото 2025 година донесе нов бран строги регулативи на популарни европски туристички дестинации. Италијанскиот град Портофино и португалската Албуфеира воведоа низа забрани со цел да го ограничат несоодветното однесување на туристите. Новите правила се придружени со високи казни кои достигнуваат и до 1.700 евра, а локалните власти велат дека целта е заштита на јавниот ред и мир.
Портофино: Без костими за капење и алкохол на улица
Овој гламурозен приморски град, познат по луксузни јахти и мирна атмосфера, од сега забранува движење во костими за капење, боси нозе и без маица на јавни места, како и пиење алкохол надвор од барови и ресторани.
Забрането е и седење или лежање на тротоари и ѕидови, просење, како и организирање пикници во паркови. Наредбата, потпишана од градоначалникот Матео Вијакова, ќе важи до 30 септември. Казните се движат од 26 до 510 евра за прекршување на новите правила.
Според општината, целта е да се зачува “мирот и тишината” во градот, кој има само 400 жители, но секое лето пречекува и до 100.000 туристи.
Албуфеира: Крај за разголените журки
Во популарната португалска дестинација Албуфеира, градскиот совет усвои Кодекс на однесување со строги забрани за:
* јавна голотија,
* сексуални акти на отворено,
* гласна бучава,
* јавни мокрења,
* пиење алкохол на улица.
За посериозни прекршоци, како целосно соблекување или сексуални дејствија на јавен простор, казните се движат од 500 до 1.770 евра. За делумна голотија, јавна нечистотија или оставање на колички од супермаркети на погрешно место – казните се од 300 до 1.500 евра.
Мерките доаѓаат откако минатата година осум британски туристи беа снименi голи додека танцуваат сред бел ден во бар – видеото стана вирално и предизвика гнев кај жителите.
Градоначалникот Жозе Карлос Роло изјави дека новите правила се воведени за да се врати хармонијата помеѓу жителите и туристите, како и да се подобри нарушениот имиџ на градот.
Портофино и Албуфеира не се изолирани примери. Сѐ повеќе градови во Европа воведуваат слични рестрикции:
Во Рим е забрането капење во фонтани.
Во Венеција, пикниците на мостови и споменици се строго санкционирани.
На Капри, туристите не смеат да носат „гласни“ сандали.
Со зголемениот број туристи и притисокот врз локалните заедници, правилата стануваат построги, а казните сѐ повисоки. Очигледно е – времето на “хаотичен туризам” завршува, а одморите бараат одговорно однесување.