BMW не се откажува од дизелот и германската компанија објави дека дури 80 отсто од купувачите на популарниот модел Х5 во Европа сè уште избираат дизел мотори. И покрај силниот притисок кон електрификација, баварскиот производител на автомобили останува на ставот дека иднината носи различни опции за возење.
Од вкупно 2,2 милиони продадени возила на BMW минатата година, само 368.523 се целосно електрични модели, додека дури 1,83 милиони автомобили се продадени со бензински, дизел или хибридни погонски агрегати. Овој податок јасно покажува дека традиционалните мотори сè уште доминираат на пазарот.
Јохен Голер, член на одборот на директори на BMW, истакнува дека патот до целосна електрификација е далеку од едноставен. „Би било наивно да се мисли дека транзицијата кон електрификација е еднонасочна улица. Ќе има подеми и падови, како возење на тобоганот“, објаснува Голер за „Фајненшл тајмс“.
Според податоците на Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA), дизел моторите сочинуваат само 11,9% од вкупната продажба на автомобили во Европската унија. Сепак, клиентите на BMW покажуваат различни преференции.
BMW продолжува да инвестира во развојот на мотори со внатрешно согорување, вклучувајќи ги и најновите дизел мотори. Компанијата инсистира на стратегија која им овозможува на клиентите слобода да избираат помеѓу различни опции за погонски склоп, од дизел и бензински мотори, до plug-in хибриди, до целосно електрични возила.

Следете не и на:

