Од 27 септември до 3 октомври, во земјава за првпат ќе се одржува „Бахус класик рели“. Станува збор за рели од меѓународен карактер со олдтајмери специјално донесени од 10 држави меѓу кои од САД, Германија, Австрија, Англија, Белгија, Швајцарија, Грција..
Во текот на седумдневното рели ќе може да се видат 20-тина олдтајмери од кои некои за првпат на овие простори како Porsche 912 Coupe од 1966, Jensen Healey 2000 1973, Alfa Romeo GTV 2000 1972…
Ќе се вози рута од 1060 километри со 27 специјални етапи низ Северна Македонија и Грција. Стартот е од Скопје, а учесниците ќе поминат низ Велес, Градско, Штип, Кавадарци и Гевгелија, по што продолжуваат до Халкидиди во Грција, а на враќање ќе ги посетат Лутраки бањите, Битола, Охрид и Дебар.
Ова е прв ваков настан што се организира во земјава како спој на автомобилизам, култура и гастрономија истовремено претставувајќи ја земјава како нова дестинација за олдтајмер релија од премиум ранг.
Организаторите Игор Стефановски и Благоја Петровски на денешната прес-конференција најавија незаборавно доживување во кое учесниците ќе имаат можност да се запознаат и со убавините, културата и традицијата на државата.
Рутата, како што посочија, е внимателно избрана и поминува низ кањони, планини, езера и море, а вклучува и посета на винарии, дегустација на македонски вина и традиционална храна.
- Се погриживме ова рели да биде на ниво на релијата што се случуваат во Западна Европа, како по формата, така и по начинот на организација. Возилата, во принцип се внимателно одбрани затоа што сакавме во Македонија да донесеме возила кои досега не се видени или ретко се видени така што има широк спектар на возила кои се примамливи за око, вели Игор Стефановски.
Релито е впишано во календарот на Светската асоцијација на историски возила (FIVA) која обединува повеќе од 2,5 милиони љубители на олдтајмери од повеќе од 70 држави. Во календарот на (FIVA) има околу 20 настани од овој тип, а Бахус класик релито е едно од нив.
- Се надеваме дека ова прво издание ќе го отвори патот и Бахус класик релито ќе прерасне во рели од типот на Монте Карло и релито Акрополис контрол кои поминувале некогаш низ нашиот град. Скопје отсекогаш било дел од светски релија и ние сакаме да го вратиме Скопје на заслужното место, вели Благоја Петровски.
Церемонијалниот старт на релито е закажано за 27 септември во 19 часот на плоштадот Јадран во Скопје, а официјалниот старт е следниот ден во 09 часот на истото место. Љубителите на историски возила ќе имаат прилика да ги видат олдтајмерите и пред Музејот во Штип истиот ден на 28 септември во 11:30 часот, како и на 1 октомври на плоштадот во Охрид и на 2 октомври на крајната дестинација пред хотелот Хилтон во Скопје околу 17 часот.
Партнери на релито се Classic Gala Schwetzingen каде за првпат беше промовирано релито во меѓународни рамки, а од домашните компании партнери се винариите Тиквеш и Бовин.
Релито е круна на 20-годишната работа на Стефановски и Петровски кои познати имиња во македонската автомобилска сцена и организатори на повеќе собири и релија не само на олдтајмери, туку и на мотоцикли.
Нивното богато портфолио почнува во 2005 година кога го организираат првиот интернационален настан како Classic Car Rally со околу 100 учесници, a потоа продолжуваат со Concours d Elegance од 2007 година. Во 2016 година стануваат национални организатори на најголемиот добротворен настан за класични мотоцикли во светот The Distinguished Gentlemans Ride кој се одржува секоја година, а во последните четири години се организатори и на The Distinguished Gentlemans Drive. Од 2018 година го организираат и Skopje Classic Days.









