Германскиот производител на премиум автомобили Audi сериозно размислува за изградба на својата прва фабрика во САД, во обид да ги ублажи последиците од царинските давачки што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп за стоката од Европската унија.
Како што објави угледниот германски весник Handelsblatt, повикувајќи се на неименувани извори, Audi би можел да го лоцира производствениот погон во Чатануга, Тенеси – град каде веќе оперира неговата матична компанија Volkswagen.
Со тоа, Audi би остварил значителни заштеди и во логистички и во финансиски смисол, бидејќи би ја користел постоечката инфраструктура, како и градежните и инженерски решенија на VW.
Инвестицијата би изнесувала неколку милијарди долари, а изградбата би траела повеќе од две години. Капацитетот на идната фабрика се проценува меѓу 150.000 и 200.000 возила годишно.
Сепак, конечната одлука сè уште не е донесена. Ќе зависи од текот на преговорите меѓу извршниот директор на VW Group, Оливер Блуме, и администрацијата на претседателот Трамп, пренесува Tanjug.









