Во современото општество, една од најопасните навики станува користењето паметни телефони додека се управува со возило. Веќе со години, сообраќајната полиција предупредува дека користењето телефон зад волан е една од главните причини за сообраќајни несреќи – опасност што веќе ги надминува и прекорачената брзина и возењето под дејство на алкохол.
Она што загрижува уште повеќе е што оваа зависност не ги погодува само младите, туку и возрасните. Луѓето не можат да издржат без да го проверуваат својот екран – зависни се од содржините на социјалните мрежи како Instagram и TikTok.
Шокантни податоци од Велика Британија
Најново истражување во Велика Британија покажува дека 9 од 10 возачи користат телефон барем еднаш за време на едно возење. Само 10% од возачите успеваат да завршат патување без да го допрат телефонот, покажуваат податоците собрани од половина милион возачи во изминатата година, објавува Daily Mail.
На почетокот на 2024 година, во Велика Британија биле регистрирани преку 2.300.000 возачи. Тоа значи дека повеќе од 2.070.000 возачи редовно го користат телефонот додека управуваат со возило – податок што навистина алармира.
Дури и како пешак, не може да се чувствувате целосно безбедно, дури ни на обележан пешачки премин, бидејќи постои голема веројатност дека возачот што доаѓа гледа во својот телефон, а не на патот пред себе.
Три нивоа на ризик при користење телефон зад волан
Според истражувањето, постојат три категории на ризик:
Низок ризик: Повик преку Bluetooth уреди. Иако законски дозволен, го намалува вниманието на возачот поради менталната вклученост во разговорот.
Среден ризик: Прифаќање видеоповик или разговор преку звучник – возачот мора да го допре уредот, што ги одвлекува вниманието и рацете од воланот.
Висок ризик: Активно користење на екранот – гледање, допишување или прелистување додека се вози. Ова е законски казниво и екстремно опасно.
Проблемот не се само мобилните телефони
Иако фокусот е на мобилните телефони, голем предизвик за безбедноста претставуваат и екраните во новите автомобили. Функции кои порано беа едноставни – како поставување на климата или промена на радио станица – денес бараат користење на комплексни менија на допирни екрани, што дополнително го одвлекува вниманието на возачите од патот.









