Доколку сте страствен љубител на автомобилите и автомобилската индустрија, а при тоа го планирате одморот за следната година тогаш дефинитивно на вашиот план на патување треба да се најде барем еден од следните европски градови.
МЛАДА БОЛЕСЛАВ, ЧЕШКА
Овој чешки град е центар на чехословачката автомобилска индустрија. Во овој град се наоѓа фабриката, но и администрацијата на Skoda, а особен интерес предизвикува музејот на Skoda.
Во него се прикажани сите модели на Skoda, но и други автомобили развиени и произведени во некогашната Чехословачка.
Покрај автомобилите, она со што се карактеризира градот е релативно евтиното сместување како и бројните знаменитости. Блискоста со Прага, Дрезден, Виена и Братислава овозможува дополнителни активности.
ГЕТЕБОРГ, ШВЕДСКА
Овој град се најде на оваа листа благодарение на музејот на Volvo како и директната авионска линија од скопскиот аеродром. Во овој музеј се прикажани првите шведски автомобили како што е моделот Volvo OV4 како и други легендарни модели на шведксиот производител како што е Philip, VCC, 760, 66, VESC итн.
Сепак имајте на ум дека ова е една од најскапите препораки на оваа листа пред се поради патни трошоци, трошоците за сместување, цените во рестораните итн.
МОДЕНА, ИТАЛИЈА
Овој италијански град мора да биде на вашата агенда. Тоа е домот на Ferrari, но и на два музеи посветени на овој бренд.
Најпрво тука е Museo Casa Enzo Ferrari посветен на основачот на овој бренд, Енцо Ферари, а во чиј рамки се прикажани неколку модели на Ferrari, Alfa Romeo и Maserati. Во предградието на овој град, поточно во Маранело се наоѓа и Музејот на Ferrari каде е прикажана целоснатаи сторија на овој бренд. Годишно, овој музеј го посетуваат околу 200 илјади посетители.
ШТУТГАРТ, ГЕРМАНИЈА
Доколку сакате возбуда и адреналин, на вашата агенда треба да биде и Штутгарт. Тоа е град кој е лоциран во југо-западниот дел од Германија, а каде се наоѓа музејот на Mercedes. Импресивниот објект на овој музеј ќе ви овозможи одблиску да се запознаете со историските модели од овој бренд, но и мнгоу концептни автомобили како и рели возила.
МИНХЕН, ГЕРМАНИЈА
Покрај во пиво и колбаси, доколку го посетите Минхен ќе имате можност да уживате во импресивното здание на BMW музејот кој се наоѓа во рамките на седиштето на оваа компанија лоцирано на олимпискиот парк во Минхен. Годишно овој музеј го посетуваат 250 илјади посетители што е на листата топ 3 најпосетени музеи во Баварија.
Во овој музеј имате можност да се сретнете со невообичаени автомобили кои сигурно дека досега и воопшто ги немате видено.
ВОЛФСБУРГ, ГЕРМАНИЈА
Autostadt е местото каде можете да ги сретнете сите импресивни модели на Volkswagen, Porsche, Bentley, Skoda, Lamborghini, Audi и Seat. Во Волфсбург, седиштето на Volkswagen, овој музеј е најимпресивната градба во градот. Воедно, ова е еден од најпосетуваните музеи во Германија со преку 2 милиони посетители на годишно ниво.
Не само содржини, овој музеј ќе ви изнуди воздишки и поради самата архитектура.
ТОРИНО, ИТАЛИЈА
Најимпресивниот град го оставаме за крај. Тоа е Торино каде е сместен Националниот музеј за автомобили. Овој музеј содржи колекција од над 200 автомобили. Најголем дел од нив се од италијанските производители, но има и такви од Франција, Велика Британија, Германија, Холандија, Шпанија, САД и Полска.
Овој музеј е распостранет на 19 илјади метри квадратни, а покрај автомобилите тука е прикажана и бројна документација, а располага и со библиотека и други мултимедијални соби.
Покрај во овој музеј, доколку го посетите овој град ќе имате можност да уживате и во работилницата на Abarth, музејот на Fiat, но и да ја посетите фабриката на најстариот италијански автомобилски производител.