Ако пиеш и возиш – ова се казните во Македонија!

ОБЈАВЕНО НА:

Возач-почетник не смее да управува со возило, односно да започне управување со возило, ако во организмот има алкохол повеќе од 0,09 г/кг. Казна има и ако превезувате пијан возач на предно седиште. Ако одбиете алкотест ви следува казна од 500 евра. Може привремено да ви ја одземат и возачката дозвола ако полицијата утврди дека сте пијани и да ве отстрани од сообраќајот

Во пресрет на празничните денови секојдневно сме на некоја прослава, дружење или собирање со пријателите каде постојано се конзумира и алкохол. Ако решите да пиете тогаш најдобро е да не возите. За време на празничниот период постојано се зголемува бројот на оние што ги управуваат своите возила под дејство на алкохол. И секако и контролите од полицијата се зачестени.

Ова е период во кој возачите треба да ја покажаат на дело својата свесност и совесност. Возењето под дејство на алкохол е криминален и нехуман чин, спротивен на цивилизациските вредности на современото општество.

* Треба да се има на ум дека алкохолот сериозно ги намалува возачките вештини, ги нарушува психомоторните способности на возачите и ја намалува нивната способност за брзо и за ефикасно дејствување во случај на непредвидени ситуации и закани во сообраќајот.

* Алкохолот делува на централниот нервен систем и ја намалува способноста за рационално расудување и способноста за препознавање на ризиците и на заканите во сообраќајот.
* Лицата во алкохолизирана состојба, особено младите лица, се склони кон преземање ризик и кон агресивно однесување во сообраќајот. Епилогот од таквото однесување во сообраќајот, најчесто е сообраќајна незгода со фатални последици.

* Под дејство на алкохол се смета лице за кое ќе се утврди дека содржината на алкохол во крвта изнесува повеќе од 0.50 г/кг.

* Возач-почетник не смее да управува со возило, односно да започне управување со возило, ако во организмот има алкохол повеќе од 0,09 г/кг. Ова значи дека толеранцијата за алкохол за возач-почетник е приближно еднаква на 0 –„нула“. Возач-почетник со алкохол во крвта до 0.50 г/кг ќе се санкционира со 200 евра, односно ќе му се регистрираат 40 негативни бодови и забрана за управување со возило од 3 месеци.

* Возењето под дејство на алкохол се казнува со 225 евра, односно 40 негативни бода доколку возачот има 0.51-1.00 г/кг алкохол во крвта и забрана за управување со моторно возило од 3 до 6 месеци.

* Со глоба од 275 евра или 50 негативни бода, ќе се санкционира возач кој има алкохол во крвта од 1.01 до 1.50 г/кг, заедно со забрана за управување возило од 6 до 9 месеци.

* Со глоба во износ од 325 евра, односно 55 негативни бода, се санкционира возачот со 1.51-2.00 г/кг алкохол во крвта, како и забрана за управување возило од 9 до 12 месеци.

* Возачот кај кој ќе се утврди содржина на алкохол во крвта од 2.01 г/кг или повеќе ќе биде казнет со глоба во износ од 375 евра, односно 60 негативни бода и забрана за управување возило од 12 месеци.

* Возачот кој ќе одбие да биде алкотестиран за утврдување алкохол во организмот ќе биде казнет со глоба од 500 евра, односно ќе му се регистрираат 65 негативни бода и забрана за управување возило од 12 месеци.

* Полицискиот службеник на самото место привремено ќе му ја одземе возачката дозвола и ќе го исклучи од сообраќај возачот за кој ќе се утврди дека е под дејство на алкохол. Ако постои основано сомнение дека возачот ќе продолжи со вршење на прекршокот, полицискиот службеник може возачот да го задржи во полициска станица до отрезнување, најдолго до 12 часа.

* Во патнички автомобил, на предното седиште не смее да се превезува лице кое очигледно е под дејство на алкохол. Глоба во износ од 35 евра, односно ќе му се регистрираат 15 негативни бода на возач кој не ја почитува оваа одредба од ЗБСП.

* Лицето кое учествувало во сообраќајна незгода, не смее да зема алкохолни пијалоци, опојни дроги, психотропни супстанци и лекови за кои е означено дека не смее да се употребуваат пред и за време на возењето, додека не се изврши увид.

Следете не и на:
[Fancy_Facebook_Comments]

24AUTO NETWORK