Вкупно 29 бензински станици има по автопатиштата на Хрватска, а другите се во градовите и на локалните патишта
ИНА хрватската нафтена компанија која има најмногу бензински станици во таа земја неодамна воведе плаќање за користење на тоалети на своите бензински пумпи на хрватските автопати, за што е неопходно да се издвојат четири куни (1 евро = 7,54 куни).
Наплатата за тоалети на бензинските пумпи на автопатиштата во Хрватска е новина, но сепак користењето на WC ќе биде бесплатно за сите лојални клиенти кои се членови на програмата за лојалност на ИНА, како и за оние кои купиле во малопродажбата на ИНА.
Доколку купувачот одлучи прв да користи тоалет и плати влез во износ од четири куни, добиената потврда може да ја намали сумата на сметката за следно купување. Корисникот кој прв ќе купи во продавницата на ИНА или Фреш Корнер ќе добие купон со кој слободно може да го користи тоалетот – велат во ИНА.
Инаку, во земјите на ЕУ веќе се наплаќаат тоалети, а цената се движи од 0,50 до 0,70 евра. И на тамошните бензински пумпи клиентите добиваат вредносни ваучери кои можат да ги искористат на касата.