Откако беше објавено дека нема да има субвенции за купување нови автомобили од Владата на Македонија стигна нова вест што нималку нема да влијае на намалувањето на загадувањето. Ако после Нова година увезете половно возило во Македонија и тоа не ги задоволува еколошките стандарди ќе платите повисок данок, но тој е само 2 отсто повисок од сегашниот.
Прашање е дали тоа ќе ги демотивира увозниците да носат крш и се она што се „фрла на отпад“ во Европа. Тие 2 отсто нема многу да ја качат цената, а патиштата повторно ќе бидат полни со автомобили што загадуваат.
Зголемувањето на данокот на моторни возила, што законски ќе се регулира и веќе е во собраниска процедура е во насока на мерките, што се преземаат за заштита на животната средина, порача премиерот Зоран Заев денеска одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата во Владата на која беше промовиран проектот за проектирање и поставување на фотоволтаични системи.
– Со новиот закон дефинитивно се водиме од еколошките параметри и тоа мораме и требаме да го направиме, бидејќи поминуваме на едно повисоко ниво и во делот на еколошката заштита во увозот и купопродажбата на моторни возила. Ако досега стапките биле 18 отсто, отсега ќе бидат 20 отсто во делот на даноците, ќе изјави Зоран Заев премиерот на Македонија.
Воведување данок на возила и зголемување на надоместоците кои се плаќаат при увоз на стари возила, се дел од мерките кои се предвидуваат за намалување на емисијата на гасови кои го предизвикуваат ефектот на стаклена градина во земјава, предвидени со новиот закон за животна средина.
Новите мерки имат цел постепено заменување на возниот парк, имајќи предвид дека транспортот, заедно со енергетиката, отпадот и градежништвото е еден од најголемите загадувачи во земјава.