Кога во 1989 година падна Берлинскиот ѕид, жителите на Источна Германија масовно се ослободуваа од своите Трабанти и Вартбурзи. „Двотактните чуда“ од фабриките во Цвикау и Ајзенах, кои со години беа симбол на DDR, за многумина беа само потсетник на ограничувањата и на сиромаштијата. Брзо беа заменети со блескави „западни“ модели кои нудеа повеќе моќ, удобност и престиж.
Но, времето прави чуда – 35 години подоцна, токму тие скромни автомобили повторно се барани, овојпат не како секојдневни превозни средства, туку како олдтајмери со култен статус.
Вредности што изненадуваат
Денес, совршено зачуван Trabant 601 може да достигне цена и до 7.000 евра, што е повеќе од двојно во споредба со 2018 година, според податоците на Classic Data, компанија специјализирана за проценка на вредноста на олдтајмери.
Wartburg 353 во врвна состојба веќе се продава за околу 10.000 евра, додека ретките и беспрекорно реставрирани Wartburg 311 модели со четири врати се ценат околу 16.600 евра. Но вистинските колекционерски бисери се ретките купе изданија, за кои цената може да достигне и 35.000 евра.
А најскап од сите е ЕМW 327, кабриолет и купе кој денес вреди преку 100.000 евра – практично исто како и истоимениот BMW што до 1941 година се произведувал во фабриката во Ајзенах.
Од „народно возило“ до културна икона
Стручњаците велат дека е реткост автомобили од оваа класа да доживеат толкав скок во вредност. „Овие возила добија култен статус, особено во источниот дел на Германија,“ вели експертот за олдтајмери Фајт Кол. Според него, најважни фактори се состојбата на автомобилот и оригиналната документација.
Иако тој не верува дека цените ќе растат со исто темпо и во иднина, ретките модели – особено добро сочуваните купе верзии – секогаш ќе бидат високо ценети.

Колку „траби“ и денес се тркалаат по германските патишта?
Податоците на германската KBA покажуваат дека во 2024 година сè уште има околу 40.800 Трабанти регистрирани во земјата. Интересно е што повеќе од половина од нивните сопственици се помлади од 60 години, а дури 2.800 се под 30 години – значи генерации родени по 1991, кога последниот „траби“ излезе од производната лента во Цвикау.
Кај Вартбург е друга приказна: регистрирани се околу 8.900 возила, најчесто во рацете на постари ентузијасти – повеќе од половината сопственици имаат над 60 години.
Носталгија или вистинска вредност?
За едни, Трабант и Вартбург се симбол на едно минато кое не сакаат да се врати. За други, тие автомобили претставуваат автентичен дел од историјата и автомобилска култура што повеќе не постои. Денес, тие не се само олдтајмери – тие се приказни на тркала, мост меѓу генерации и жив доказ дека времето знае да претвори обични нешта во легенди.









