Акио Тојода, претседателот на најголемиот светски производител на автомобили Toyota, повторно јасно ги изрази своите лични ставови – спортски автомобил, според него, не може без звукот и чувството што ги нуди класичниот бензински мотор. Во неодамнешно интервју за Automotive News, Тојода по петти пат го повтори ставот дека спортските електрични автомобили сè уште не можат да го понудат истото возбудливо доживување.
Познат под прекарот „Моризо“, Тојода не е типичен претседател на бордот – тој е страствен возач и активен учесник во мотоспортот, дури и се натпреварувал на 24-часовната трка на Нирбургринг во 2007 година. Неговото име се поврзува со специјалните изданија како GR Corolla Morizo Edition и новиот Lexus LBX Morizo RR.
Тојода признава дека електричните трки не му пружаат истата возбуда, главно поради ограничениот капацитет на батериите, кои во тркачки услови траат околу еден час. Според него, ваквите трки се претвораат во натпревар за тоа кој побрзо ќе ја наполни или замени батеријата – концепт кој е далеку од класичните трки за издржливост.
И покрај неговиот личен скептицизам, Toyota како глобална компанија активно инвестира во електрификација. Иако Тојода пред околу една година предвиде дека електричните автомобили никогаш нема да надминат 30 проценти од глобалната продажба, Toyota континуирано ја проширува својата EV понуда и се прилагодува на еколошките барања на пазарот.
Сепак, ентузијастите можат да бидат мирни – Toyota не ја напушта страста кон возењето. Компанијата веќе потврди дека Supra ќе продолжи да се произведува и по тековната генерација, а во игра е и враќањето на легендарните Celica и MR2. Воедно, се развива нов тркачки автомобил со GT3 спецификации, кој подоцна ќе добие и улична верзија под брендот Lexus.
Дополнително, гласините од Јапонија велат дека се работи на нова генерација на моделот 86, што е уште еден показател дека Toyota сериозно ја сфаќа пасијата на љубителите на спортски автомобили – без разлика дали станува збор за електричен, хибриден или класичен бензинец.
Тој став го потврдува и потпретседателот за продажба и маркетинг на Toyota Австралија, Шон Ханли, кој неодамна изјави дека „моторите со внатрешно согорување и мануелните менувачи ќе останат уште долго време“, нагласувајќи ја привлечноста на звукот, вибрациите и механичкото чувство што ги нудат бензинските мотори – нешто што електричните возила сè уште не можат да го заменат.