Кинескиот SUV Chery Tiggo 8 е избран за „Автомобил на годината 2026“ од реномираниот британски портал Carwow, предводен од познатиот тест-возач и YouTube ѕвезда Мат Вотсон. Жирито, составено од искусни тест-возачи со милиони извозени километри зад себе, го одбра Tiggo 8 како вкупен победник поради комбинацијата од огромна практичност, современа технологија и многу агресивна цена.
Ова не е единствен трофеј за моделот – Chery Tiggo 8 ја освои и титулата „Hybrid Hero“, односно најдобар употребуван хибриден модел, што дополнително ја потврдува неговата привлечност кај европските купувачи кои бараат економичен, но просторен семеен автомобил. Според оценките, Tiggo 8 е „редок пример за одлична вредност со шокирачки малку компромиси“ – сериозен комплимент во класата каде доминираат европски и јапонски брендови.
Chery Tiggo 8 е SUV со седум седишта, развиен како директен ривал на европските „семејни џинови“ како Hyundai Santa Fe, Kia Sorento и Peugeot 5008, но по значително пониска цена. На пазарите каде е веќе достапен, Tiggo 8 нуди седум вистински седишта, голем багажник, панорамски кров, голем централeн екран, напредни системи за асистенција и богато ниво на опрема што кај многу конкуренти се доплаќа.
Под хаубата, Tiggo 8 Super Hybrid користи 1.5-литарски турбо бензинец во комбинација со електромотор и батерија, со вкупна системска моќност над 200 коњски сили и солиден електричен домет за секојдневни градски релации. Во пракса, многу патувања – работа, школо, градски обврски – може да се поминат главно на струја, додека комбинираниот домет со полна батерија и полн резервоар надминува 1.000 километри.
Фактот што токму кинески SUV го зема големиот трофеј на Carwow – платформа која редовно ги тестира и наградува најдобрите модели во Европа – е силен сигнал и за конкуренцијата и за купувачите. Во услови кога европските брендови тешко нудат доволно просторен, добро опремен и хибриден семеен автомобил по разумна цена, Chery се наметнува како сериозен „game changer“ во D-SUV класата. Дури и ако дел од купувачите и понатаму гледаат со скепса кон кинеските марки, ваквите признанија покажуваат дека новите играчи веќе не се поевтина копија – туку реална алтернатива.









