Fiat Grande Panda конечно стигна до купувачите во Италија, но првите впечатоци од возачите не се целосно позитивни – главната забелешка се однесува на дометот на автопат, кој во некои случаи изнесувал само околу 160 километри.
Возилото од фабриката во Крагуевац конечно почна масовно да се испорачува по неколкумесечно доцнење. Според планот, требало да се произведуваат по 500 возила дневно, но во реалноста се склопувале околу 150. Дури и работници од Италија дошле да помогнат со склопувањето во Србија.
Со пристигнувањето на автомобилите, пристигнаа и првите реакции. На популарната група на Фејсбук „Auto Elettriche Club Italia“, еден корисник напиша:
„Купив нова електрична Fiat Grande Panda. Прво возење по автопат – домет околу 160 километри. Дали е тоа нормално?“ – прашува разочаран сопственик.
Иако Fiat го наведува официјалниот домет на Panda од 320 километри (WLTP), реалната потрошувачка – особено при возење со поголема брзина – е далеку од оваа бројка. За разлика од класичните возила кои на автопат можат да трошат помалку поради стабилната брзина, електричните модели имаат зголемена потрошувачка на батерија при високи брзини.
Во случајот со Grande Panda, која има ограничена максимална брзина од 132 km/h, дометот од 160 километри на автопат не изгледа како изненадување.
Иако дел од јавноста го смета ова за недостаток на електричните возила, особено на подолги патувања, реалноста е дека за секојдневни градски и приградски потреби, Panda е повеќе од доволна. А за ретките патувања, пауза за полнење од 30-тина минути може да се искористи за кафе или одмор.
Интересно е што тимот од „Auto Elettriche Club Italia“ за време на своето „тестирање“ не само што ја испразнил батеријата, туку доживеал и пробиена гума, поради што морале да повикаат шлеп-служба.









