Во октомври во Македонија остварен е рекорден увоз на возила, покажуваат официјалните податоци објавени од Царинската управа на Македонија. Според истите, во 10-от месец годинава увезени се вкупно 3.648 возила што е повеќе од било кој друг месец годинава.
Од оваа бројка, 518 се нови патнички автомобили што по февруари е втор месец со најголем увоз. Голем пораст има забележано и кај увозот на употребувани патнички автомобили. Така во октомври увезени се 2.833 автомобили што е најмногу во споредба со било кој месец годинава.
Доколку се направи спроедба со октомври минатата година, тогаш остварен е пораст на увозот на нови автомобили за 42 автомобили, но и пад на употребуваните за 942 автомобили.
Од почетокот на годинава до крајот на октомври увезени се вкупно 24.967 возила од кои 4.275 нови патнички автомобили, а 18.145 употребувани. Останатите се нови и употребувани товарни моторни возила и автобуси и минибуси.