Најдобриот македонски возач во моментов, Виктор Давидовски ќе тргне од 13 место на трката на патеката Алгарве, Португалија на отворањето на новата сезона во TCR Europe. Давидовски „за малку“ не успеа да влезе во втората квалификациска сесија и да се бори и за пол позицијата.
И покрај тоа што тој ќе стартува од 13. место, Давидовски освои 4 бода уште во квалификациите бидејќи беше четврти најдобро пласиран возач во конкуренција на TCR Europe. На оваа трка, заедно возат и возачите од TCR World Tour. Иако ќе возат заедно, сепак бодувањето ќе биде посебно.
И сезонава Давидовски ќе вози за тимот на Comtoyou Racing, но овојпат на автомобилот ќе го носи бројо 11, наместо 110 со кој настапуваше досега. Тој извозе девет кругови во првата квалификациска сесија, а во 6. круг го постигна најбрзото време. Тимот има цел и сезонава да ги одбрани титулите што ги освои лани, и тоа во сите 4 конкуренции. Во една од нив, Diamond Drivers пехарот го освои Давидовски.
На првата трка од пол позицијата ќе тргне Унгарецот Микелиз кој постигна најбрзо време во втората квалификациска сесија, оставајќи го зад себе шампионот на TCR Europe од 2021 година, Шпанецот Микел Аскона. Од вториот ред ќе тргнат Роб Хаф и Фредерик Вервиш, и двајцата клупски колеги на Виктор Давидовски во Comtoyou Racing кои ќе возат во TCR World Tour.
Во конкуренција на TCR Europe, најдобра беше Том Коронел, пред Кобе Паувелс и Џон Филипи. Давидовски е четвртѕопласиран, а Душан Борковиќ освои три бода.
Првата трка се вози денеска во 14,20 часот, а втората утре во 11,30.