Германскиот производител Porsche објави дека првиот целосо електричен автомобил ќе го носи името Taycan. Моделот претходно пред светската јавност дебитираше со називот Mission E, но сега Оливер Блуме потврди дека новиот модел ќе го има овој назив кој доаѓа од турскиот јазик и преведен значи “Жив млад коњ”.
“Нашиот нов електричен спортски автомобил е силен и сигурен. Тоа е возило кое може без проблем да помине долги растојанија со што ја олицотворува слободата” напиша Оливер Блуме, шефот на Porsche.
Според информациите, Taycan до 100 км/ч. ќе забрзува за помалку од 3,5 секунди благодарение на двата електрични мотори кои продуцираат повеќе од 600 КС. Максималната брзина која може да ја постигне овој автомобил изнесува 249 км/ч, а со едно полнење ќе може да помине речиси 500 км.
Продажбата на овој модел се очекува да започне кон крајот на следната година, а почентата цена се шпекулира дека би изнесувала околу 80 илјади американски долари.