Минатата недела српските медиуми пренесоа дека италијанскиот производител Fiat и дефинитивно останува во Србија. Истата оваа вест беше проследена со информација дека во фабриката во Крагуевац покрај електричната изведба на 500L, Fiat од следната година ќе започне со производството на новиот модел од B-SUV сегментот, со назив 601. Но што се знаеме за овој нов модел?
За прв пат веста околу производството на модел од овој сегмент беше брифирана од италијанските медиуми пред точно една година. Тогаш оваа вест остана на ниво на шпекулација, за година подоцна српските медиуми се оние кои наголемо го најавуваат овој модел. Името на новиот модел ќе биде 601, барем според српските медиуми, меѓутоа тоа е многу тешко да се случи. Прво зошто овој број во историјата на Fiat е резервиран за прочуениот Фијатов трактор од 50те години на минатиот век, а второ дека во поновата историја Fiat (па и FCA) не практикува нумерички називи за своите модели. Исклучок од ова правило е моделот 500 и неговите изведби (500L и 500X).
Така, во игра е и можноста овој нов модел да добие име од постоечката гама, Panda Cross X или можеби Punto X. Но најверојатно е Fiat да се одлучи за целосно ново моделско име кое не било никогаш дел од историјата на италијанскиот производител.
Другата дилема е дизајнот. Тука дилемата е дали новиот модел ќе ја следи дизајнерската филозофија применета кај Fiat 500 или сепак ќе се искористи онаа од Fiat Tipo која впрочем е применета кај Fiat Argo и Fiat Cronos, автомобили кои изгледаат одлично и се доста популарни во Јужна Америка, каде што и само се продаваат.
Новиот модел во B SUV сегментот ќе им се приклучи на конкурентите Opel Crossland X, Citroen C3 Aircross и Opel Mokka. Токму оттука, димензионално ќе се движи колку и овие модели, а во однос на моторите, најголем дел од понудата ќе ја сочинуваат новите FIRE мотори кои од оваа година се дел од понудата на рестилизираните Jeep Renegade и Fiat 500X.
Со овој нов модел, Fiat исто така, ќе ја збогати SUV понудата каде во моментов се наоѓа Fiat 500X и Panda Cross. Ќе дојде токму во момент кога 500L влегува во опаѓачка животна фаза која може да се утврди и со надолниот тренд на продажба и тоа од 115.000 во 2014, до 77.000 минатата година, а оваа година најверојатно ќе се заврши со уште помалку – под 60.000 илјади од кои дури две третини е планирано да се продадат во Италија каде е неприкосновлив лидер.
Останува во наредниот период, особено на почетокот на следната година да дознаеме повеќе околу овој модел, но засега сигурно е дека ќе се произведува во Србија, дека ќе се појави следната година и дека премиерата ќе се одржи на саемот во Франкфурт, во септември 2019 година.