Mazda CX-3 ќе ја нема во европската гама на производителот на автомобили, а производството ќе заврши на крајот на годината. Веста беше потврдена од претставници на Mazda Poland за Auto Catalog и од Mazda Germany за Motor1, наведувајќи дека производството на CX-3 од европски спецификации ќе биде завршено во декември.
Субкомпактниот кросовер беше претставен уште во 2014 година и се заснова на истата платформа како Mazda2, откако доби мало дотерување во 2018 година. Набргу потоа во 2021 година, Mazda објави прекин на CX-3 од американскиот пазар за моделската година 2022 а сега истото се случува и во Европа.
Повлекувањето на Mazda CX-3 од Европа не остава празнина во понудата, бидејќи компанијата исто така нуди малку поголем CX-30 што е базирана на Mazda 3, која може да се смета како индиректна замена.
И покрај напуштањето на САД и Европа, ова не е крајот за малиот кросовер. Mazda ќе продолжи да го нуди на други пазари како Австралија и Јапонија каде неодамна доби нова варијанта наречена Super Edgy.
Што се однесува до остатокот од гамата, Mazda потврди дека планира да претстави пет нови теренци во 2022 и 2023 година, вклучувајќи ги и CX-60 и CX-80 за Европа и Јапонија, како и CX- 70 и CX-90 за САД.