Зимата на Балканот носи многу ниски температури во текот на ноќта, а доколку немате каде да го паркирате вашиот автомобил и тој мора да биде на отворено тогаш треба да се знаат некои совети кои е добро да се применат за возилото да биде заштитено. Еден од овие совети се однесува за рачната сопирачка, која лесно може да замрзне при ниските температури.
Во принцип, експертите препорачуваат таа да не се користи во текот на зимата. Сепак, доколку немате избор и морате да ја користите, а притоа таа замрзне, добро е да се знаат неколку методи со кои можете да го решите проблемот.
Прво што треба да направите е да ја поместите рачната кочница (ако е механичка) нагоре-надолу неколкупати. После ова обидете се да тргнете. Ако тоа не се случи тогаш треба да преминете на планот Б.
За него и за другите методи ќе ви бидат потребни неколку дополнителни практични средства. Најбезбеден е методот со користење на издувните гасови од сопственото возило. За оваа цел ви е потребно црево, со кое топлите обработени гасови од ауспухот ќе ги донесете до задните тркала. Десетина минути, а можеби и помалку на тркало ќе го решат проблемот.
Друг подрастичен начин е ставите топла вода на механизмот на тркалото. Кога кочните ќе се одмрзнат тогаш ќе треба неколкупати да ја користите рачната кочница за да можат механизмите да се исушат. Во спротивно тие одново ќе замрзнат.
Ако немате ниту црево, ниту топла вода, обидете се со чукање по барабанот (механизмот на тркалото). Постои голема веројатност од вибрациите кората од мразот да падне. Во тој случај некористете метален чакан, туку некаква дрвена алатка.
Специјалните течности, кои се продаваат на бензинските стници за одмрзнување на бравите исто така можат да завршат работа. Сепак, притоа треба возилото да се крене и гумата да се извади. Доаѓањето до замрзнатиот механизам не е нималку лесна задача.
Она што никако не смеете да го направите во никаков случај е да користите откриен оган. За греење на механизмот на рачната кочница можат да се користат секаков вид на други уреди од типот на фен за коса, калорифер… но тоа само во случај, ако имате струја во близина.