Интервју Зоран Калеников: Со Twingo Cup го „размрдавме“ македонскиот автоспорт

ОБЈАВЕНО НА:

Кога се роди идејата за Twingo Cup најважно ни беше да бидат сите рамноправни. Сите возила се кај нас, ние ги чуваме, ги транспортираме до патеките, ги враќаме назад, ги сервисираме и се грижиме комплетно за сите возила. Возачите пристигнуваат пред трката со својата кацига во подготвено возило со што Купот го прави посебен и поразличен од другите, вели Зоран Калеников, од АКК Рено Спорт

Десет возила, подеднакво спремни, без форсирање на било кој, трки каде се покажуваат вистинските возачки квалитети и способности. Тоа се трки за уживање, дружење и секако натпреварување. Втора сезона во Македонија единствените организирани трки се оние од Twingo Cup во организација на АКК Renault Sport. Сега истите се пруклучија на Glakso Twingo Cup каде покрај возачи од Македонија има и од Словенија, Србија и Унгарија. Доминантни се Словенците и Македонците. За нас најважно е дека покажавме дека имаме возачи што можат да возат и на меѓународна сцена.

Кога Аутомотив Груп го најави овој Twingo Cup некои сметаа дека тоа ќе биде „домашно натпреварување“ на оние што можат да си дозволат да возат вакви автомобили. Но, уште во првата сезона, финалето се возеше во Грција на патеката Серес. Во втората веќе има трки на Хунгароринг, Словачка, Грција и Хрватска.

Организациски трките се на повисоко ниво, конкуренцијата е драстично посилна, па со тоа доаѓаат и резултатите.

„Кога се роди идејата за Twingo Cup најважно ни беше да бидат сите рамноправни, па затоа решивме додека трае купот сите возила да бидат под наша капа, ние ги чуваме, ние ги транспортираме до патеките, ние ги враќаме назад, ние ги сервисираме и се грижиме комплетно за сите возила.
Со тоа имаат еднаков третман помеѓу себе. Нашите возачи пристигнуваат пред трката со својата кацига во рацете во подготвено возило со што Купот го прави посебен и поразличен од другите, вели Зоран Калеников, од АКК Рено Спорт кој е организатор на Купот.

Трките дојдоа во време кога автомобилизмот на домашните патеки беше речиси пред згаснување. Многумина решија да возат надвор од дражавата, некои се откажаа….

„Twingo Cup беше покренат да се размрда автоспортот во Македонија и да се даде шанса на младите и перспективни возачи, а тоа веќе и го постигнавме со зголеман заинтересираност и надвор од нашите граници.
Секогаш има простор за нови приклучувања а веќе годинава имаме двајца нови возачи. проширувањето го правиме внимателно зашто трошоците се зголемуваат многу повеќе.

Сезонава веќе се одржаа четири трки, односно имаше два натпреварувачки викенди. На Хунгароринг и Словачка. Со тоа македонските возачи излегоа на меѓународна сцена.

„Оваа сезона за првпат возиме на светски реномирани патеки, како што се Хунгароринг, на трка заедно со многу поискусни возачи од Словенија, Италија и Унгарија. Задоволен сум од резултатите на нашите возачи кои за првпат го вкусија чувството да се вози на светски патеки имајќи далеку помало искуство и тренинг и конкуренти. Во услови на пандемија организациски поминавме речиси беспрекорно почитувајќи ги сите протоколи, вели Зоран Калеников.

Ако на Хунгароринг и Словачка бевме „аутсајдери“ зашто првпат се среќаваме со тие патеки, викендов твинговците ќе „брчат“ во Грција, на патеката Серес.

„На Серес веќе двапати возевме трки и имавме и тренинг. Тоа би требало да им донесе предност на нашите возачи, но сепак ќе почекаме да видиме како ќе се справат со далеку поискусните Унгарци и Словенци. Очекувам да се качиме на подиумот на Серес“, вели Калеников.

Сезонава кружните трки ќе се возат само на патеки надвор од Македонија.

„Сезонава имаме два ридски трки во Македонија, додека кружната трка во Кичево ја откажавме од безбедносни причини поради патеката. Потребни се големи средства за таа патека да ги исполни безбедносните нормативи за да се вози кружна трка на истата. Се надевам дека можеби ќе се одржи тркја во Скопје на кружна патекат и би можеле да се појавиме и тркаме, смета Калеников.

На четирите трки имаше тројца различни победници, но сите од Словенија (двапати Ник Стефанчич и по еднаш Матеј Ивануша и Лука Глазер). Досега се возеа трките на патеките Хунгароринг (Унгарија) и Словакија Ринг (Словачка).

Во генералниот пласман во првенството на Македонија по четири извозени трки на делба на првото место се Давид Малинковски и Ангелче Стојковски кои имаат по 52 бода.
Малинковски победи по еднаш во Унгарија Словачка, а Стојковски иако нема победа на три од четири трки беше на пиедесталот. Мартин Костовски е трет со 42 бода.

Само четири возачи досега освојувале бодови на сите четири трки сезонава, Малинковски, Стојковски, Мираковски и Костовски. На претходната трка го немаше Слободан Трајковски но сега стартниот ред ќе биде целосно пополнет и максимално конкурентен.

Програма за Twingo Cup на патеката Серес
26 јуни – сабота
10 ч. – слободен тренинг
12 ч. – квалификации
15 ч. – ТРКА 1

27 јуни – недела
10 ч. – слободен тренинг
13 ч. – ТРКА 1

 

Следете не и на:

24AUTO NETWORK